Тоневски: Нема да дозволам инвестиција на штета на граѓаните

Градоначалникот на Пробиштип, Тони Тоневски, еден ден по потпишувањето на договорот за изградба на леарница, на дополнителна прес-конференција објаснуваше зошто е значајна оваа инвестиција за градот.

Леарницата,  според пробиштипскиот градоначалник, уште од  почеток ја следат шпекулации, особено за влијанието на животната средина. Како што вели градоначалникот Тоневски, капацитетот во првата фаза, ќе преработува околу 29.000 тони отпад годишно, но според високи еколошки критериуми.

– Како градоначалник, нема да дозволам никаква инвестиција, ниту какво било вработување, кое ќе биде на штета по здравјето на жителите на општина Пробиштип. Студијата која е изработена и доставена од Рударско-геолошкиот факултет од Штип покажува дека нема никакво штетно влијание за здравјето на луѓето – рече градоначалникот Тоневски.

За доаѓањето на инвестицијата на компанијата „Кранфилд фаундри“, чиј основач е офшор-компанија од Девствените Острови, Тоневски рече дека најзаслужен е пратеникот и генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Емил Димитриев. Интересно е дека фабриката ќе почне да се гради во септември, меѓутоа, според зборовите на градоначалникот, граѓаните ќе бидат прашани за мислење на јавна расправа, што дополнително ќе биде организирана.

– Граѓаните ќе бидат навремено информирани за одржување на јавната расправа и ќе имаат можност да поставуваат директни прашања и до инвеститорите и до сите надлежени институции. Се надевам дека овие укажувања ќе дадат плод – изјави Тоневски.

Пробиштипјани уште со објавувањето на намерата за инвестирање се организираа и преку групи на „Фејсбук“ се спротиставија на идејата да се гради загадувачки капацитет, особено што сè уште како еколошки проблем ги имаат старите јаловини од рудникот Злетово. Групата „Да го спасиме Пробиштип од изградба на челичарница“ покрена потпишување на интернет-петиција.

„Зарем парите се повредни од човечкиот живот?! Интересите на некои луѓе се со километри далеку од нашиот град за ние да ги извршуваме. Срамота за државата, ако може да се каже дека е држава!“, пишува еден потписник во коментар кон петицијата. Друг додава: „Затоа што не сакам Пробиштип да стане Велес два. Сум живеела таму и знам каков е воздухот таму, а каков е овде“.

По неколкумесечните реакции, компанијата „Кранфилд фаундри“ и градоначалникот на Пробиштип поканија луѓе од овие иницијативи за претставници, кои заедно со професори од Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, ја работеа студијата за влијание на животната средина, а организираа посета и на ваков капацитет во Унгарија. Фабриката која е лоцирана во градче со 20.000 жители, слично на Пробиштип, според кажувањето на претставникот на граѓанските иницијативи, навистина работи според високоеколошки критериуми, каде робот ја полни печката за топење, а работниците се заштитени со челична опрема во пределот на нозете и на главата.

За граѓаните е спорно колку во Македонија навистина ќе се почитуваат ваквите стандарди.