Студија: Шест од десет млади луѓе би ја напуштиле државата ако им се укаже шанса

На денешниот настан се презентираше најновата студија за Социо-политичко учество на младите и се дискутираа чекорите за унапредување на учеството на младата генерација

Фото: Фондација за демократија на Вестминстер (ВФД)

Само еден од тројца млади луѓе (32%) е задоволен со своето место во општеството. Шест од десет млади луѓе (62%) би ја напуштиле земјата ако им се укаже шанса. Три четвртини од младите (73,7 %) не биле вклучени или консултирани од локалните или националните власти при носењето одлуки.

Ова се дел од податоците кои Фондацијата за демократија на Вестминстер (ВФД) денеска ги презентираше на тркалезна маса „Учество и доверба – трендови кај младите”. На настанот се презентираше најновата студија за Социо-политичко учество на младите и се дискутираа чекорите за унапредување на учеството на младата генерација. Оваа студија даде податоци за перцепциите за општествената ангажираност, доверба во институциите, миграции и други теми.

Податоците покажуваат дека младите не сметаат дека политиката е работа само на политичарите. Младите кои се активни и кои преземале акција, изразуваат поголемо задоволство од своето место во општеството.

Осум од 10 млади се опишуваат себеси како главно или воопшто неактивни граѓани. Младите често гласаат – 9 од 10 млади секогаш или понекогаш гласаат на избори. Младите кои веруваат дека земјата ќе стане членка на ЕУ очекуваат дека тоа ќе се случи до 2032. За прв пат откако се спроведува истражувањето, поголем дел од младите (43 %) се изјаснија дека не веруваат дека земјата ќе стане дел од ЕУ.

„За да имаме демократско општество треба да инвестираме во демократските капацитети. За тоа е потребно демократско образование, можности младите да носат одлуки, институции кои ги консултираат и поддршка за младинскиот активизам“, изјави Дона Костуранова, директорка во земјата за Фондацијата за демократија на Вестминстер.

„Кај младите има желба да бидат вклучени во креирањето на политиките, на нас како институции е да подадеме рака“ изјави Фатмир Сабриу, државен секретар при Министерството за социјална политика, демографија и млади.

„Задача на младите пратеници е да учествуваат во менување на политичката култура. Ние како пратеници не носиме само закони туку и треба да ги консултираме граѓаните“ изјави Драгана Бојковска, партеничка во Собранието.

Филип Ивковски, претседател на Националниот младински совет на Македонија посочи дека покрај учеството треба да се работи и на теми како социјалниот живот, култура, здравствена грижа и други прашања. Нами Исаки од Центар за интеркултурен дијалог посочи дека потребна е соработка помеѓу партиските подмладоци и невладините организации за подобри можности за младите и пренесување на европските искуства во земјата.

Анализата е изработена во рамки на проектот „Практикувај демократија“ спроведуван од ВФД, а поддржан од Британската Амбасада во Скопје.