Стартува изработката на нова Национална стратегија за сајбер безбедност

Немаме друг избор освен да градиме силна инфраструктура и да вложуваме во професионални човечки капацитети со кои дигиталната трансформација ќе се одвива што поефикасно и со што поголема отпорност, рече Андоновски

фото: Министерство за дигитална трансформација

Започнува со работа работната група за изработка на новата Национална стратегија за сајбер безбедност, соопшти денеска Министерството за дигитална трансформација.

Министерот Стефан Андоновски го означи официјалниот почеток на работата на групата, која треба да ја поготви стратегијата за периодот 2024-2028 година.

„Сајбер безбедноста е клучен аспект на националната безбедност и стабилност во ерата на рапидна дигитализација. Новата Национална стратегија за сајбер безбедност ќе биде клучен документ кој ќе ја трасира патеката за зајакнување на нашите капацитети во оваа област. Нашата визија е да создадеме безбедно, сигурно и отпорно дигитално опкружување кое ќе овозможи непречен развој на дигиталната економија и општество“, истакна министерот Андоновски.

Зборувајќи за ризиците и предизвиците, тој посочи дека изминатиот период земјава и регионот сведочеа на зачестени сајбер напади врз критичната инфраструктура.

Според статистиките, во 93 отсто од случаите, надворешен напаѓач може да го пробие мрежното опкружување на организацијата, а дури 43 отсто од сите прекршувања се инсајдерски закани – намерни или ненамерни. Истовремено, само 5 отсто од податоците на компаниите се соодветно заштитени.

„Немаме друг избор освен да градиме силна инфраструктура и да вложуваме во професионални човечки капацитети со кои дигиталната трансформација ќе се одвива што поефикасно и со што поголема отпорност“, рече Андоновски.

Тој посочи дека целиот процес на изработка на Стратегијата ќе се води со највисоко ниво на транспарентност, а се планира да се организираат јавни консултации, работилници и дебати во текот на целиот процес, со цел постигнување на инклузивност во изработката на Стратегијата.

Дополнително, беше истакнато дека оваа Стратегија ќе се развива во согласност со принципите на ЕУ и НАТО, како и со меѓународните обврски на земјата.