Заев упати честитка по повод Меѓународниот ден на Ромите

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, по повод Меѓународниот ден на Ромите, упати честитка до припадниците на ромската заедница во Република Македонија.

„Денешниот 8 Април, за жал, за граѓаните Роми во Македонија е потсетување на другата крајност во која живее ромската заедница во земјава последниве години: несовесно потценети, уценувани, подложени на незаконски притисоци за остварување на законските права на социјална заштита, образование, здравствена заштита, со огромен праг на сиромаштија на населението, во што недозволиво учествувала самата власт. Иако, во голем дел, овие искуства ги споделуваат сите граѓани во Македонија, независно од нивната национална припадност, се надевам дека денешниот Меѓународен ден на Ромите, за Ромите во Македонија ќе биде и силен аларм да застанат цврсто и непоколебливо во одбрана на своите граѓански права. Истовремено се надевам дека во иднина, државата, во вистинска смисла на зборот, ќе се вклучи во надминување на предрасудите и на проблемите со кои се соочуваат Ромите во земјава и ќе одговори на законската обврска за обезбедување на сите права и обврски загарантирани со Уставот и со законите“, вели Заев во честитката.