Со ребалансот на Буџетот обвинителствата остануваат со милион евра помалку

Со ваквото кратење се доведува во прашање редовната работа на јавните обвинителства, особено со оглед на тоа што намалување на средства со ребалансот се предлага во речиси сите ставки, вклучувајќи ги и парите предвидени за истражни дејствија, за вештачења и анализи, за одржување на возилата потребни за увид и слично, сметаат од Обвинителството

Фото: Мета.мк

Основните средства за функционирање на обвинителствата, со ребалансот на Буџетот се намалуваат за повеќе од еден милион евра од првично предвидените за годинава, соопштија од Јавното обвинителство.

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски денеска се обрати пред пратениците од Комисијата за финансирање и буџет во Собранието на расправата во врска со предлогот за ребаланс на Буџетот. На седницата, тој го пренел ставот и на стручниот колегиум во Обвинителството, кој вчера едногласно оценил дека со ваквото кратење се доведува во прашање редовната работа на јавните обвинителства, особено со оглед на тоа што намалување на средства со ребалансот се предлага во речиси сите ставки, вклучувајќи ги и парите предвидени за истражни дејствија, за вештачења и анализи, за одржување на возилата потребни за увид и слично.

„Имајќи предвид дека, претходно предвидените средства во Буџетот за 2024 година беа само половина од она што законски е предвидено да се издвојува за обвинителството и минимално ги покриваа потребите на постапките, секое дополнително кратење во услови на општ раст на сите трошоци ја загрозува работата на јавните обвинителства“, изјави Коцевски.

Според него, иако ребалансот сè уште не е усвоен, од сметките на Јавното обвинителство веќе се скратени парите за опрема, во која ставка се вклучени договори за претходно планирана и реализирана јавна набавка на информатичка опрема и за кои веќе нема доволно средства за да бидат покриени.

„Во услови на континуиран раст на цените за режиски трошоци, јавните обвинителства треба да добијат помалку пари од првично предвидените за оваа намена. Се кратат над 80.000 евра за тековно одржување на системите, вклучително и хардверскиот и софтверскиот систем, објектите на обвинителствата и слично. Намалување има и во средствата предвидени за обуки на вработените. Воедно, одбиено е барањето на Јавното обвинителство со ребалансот да бидат доделени средства за назначениот јавен обвинител за врски во Европравда да може непречено да ја извршува својата функција во Хаг и да овозможи соработка со оваа клучна европска институција“, велат од Обвинителството.

Според Коцевски, Јавното обвинителство е одговорен орган кој нема ненаменски трошења на буџетски пари и го почитува начелото на економичност при сите набавки и трошења.

„И покрај тоа, обвинителството не ги добива законски предвидените средства неопходни за функционирање и тоа редовно се потенцира во секој годишен извештај за работата што го доставуваме до надлежните институции. Истото е нагласено и во извештајот на Државниот завод за ревизија при ревизијата на усогласеност на Основниот буџет на Република Северна Македонија за 2023 година“, рече државниот јавен обвинител.

Тој пред пратениците презентирал податоци, според кои, во целиот регион не постои држава која помалку вложува во обвинителството од Северна Македонија.

„Секаде во регионот уделот на буџетот за обвинителствата во вкупниот буџет расте, додека кај нас се намалува. За споредба, Црна Гора со население од околу 600.000 жители и државен буџет речиси двојно помал од нашиот, издвојува речиси еднакво пари за обвинителството колку нашата држава. Косово издвојува над 4 милиони евра повеќе во вкупен обем на пари“, истакна Коцевски пред пратениците.