Семејството, пријателите, колегите се поздравија со прерано починатиот новинар Саше Димовски

Димовски по долго и тешко боледување почина на 5 август годинава, на 47 години

фото: Лична архива

Најблиското семејство, голем број колеги новинари, претставници од правосудната фела, пријатели и познаници денеска се простија од долгогодишниот новинар Саше Димовски на Градските гробишта во Велес, откако тој по долго и тешко боледување почина на 5 август годинава, на 47-годишна возраст.

Уште поголем број луѓе вчера упатија последен поздрав до Димовски, кој целата своја кариера ја посвети разобличувајќи ги случувањата во правосудниот систем, онака како што само тој знаеше, „без влакна на јазик“ и со сето свое знаење од оваа сфера.

Димовски отворено зборуваше за својата борба со дијабетесот, а таа лична борба не го спречи и отворено да зборува и да пишува за сите корупциски скандали, неправедности и потребни реформи од сферата на правосудството – една од најслабите алки во функционирањето на македонското општество. Неговата желба и волја за живот, но и за подобро општество, остави длабок белег и во новинарската и во правосудната сфера, а во името на навремено, објективно и професионално информирање на јавноста.

Димовски е роден во Велес, на 8 ноември 1976 година. Новинарската кариера ја започнува во радио станицата „Си Би ЕМ“ од каде на крајот на 1992 година преминува во локалната ТВ „Здравкин“. Во професионалното портфолио на Димовски потоа се запишани професионалните ангажмани во националните телевизии „Сител“, „Канал 5“ и „24 Вести“ како и во неделникот и дневниот весник „Фокус“, на позиција новинар и уредник.

Саше Димовски од 2015 година беше сопственик и уредник на веб порталот „Сведок“. Тој беше ментор и обучувач на млади новинари како и аналитичар за теми од правосудниот систем, како и автор на голем број прирачници за новинарите од сферата на правосудството. Димовски беше соработник на Сервисот за проверка на факти во медиумите. Пишуваше новинарски лекции, кои остануваат да бидат водилка за професионалните стандарди за сегашните и идни генерации новинари.

Тој беше долгогодишен соработник и член на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Претседател на Советот на честа при ЗНМ. Неодамна, Димовски беше избран за член во Комисијата за помилување во кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска Давкова.