Се испорачуваат учебниците за од прво до седмо одделение, учениците ќе ги добијат навремено

Учебниците почнале да се печатат пред две недели и се очекува училиштата да ги добијат во почетокот на јуни

Фото: Министерство за образование и наука

Министерството за образование и наука (МОН) соопшти дека во тек е испораката на сите учебници од прво до седмо одделение кои досега се одобрени од Националната комисија за учебници и кои ќе се користат во учебната 2024-2025 година.

Процесот ќе биде заокружен во јуни, така што учениците ќе ги добијат потребните учебници навремено, пред почетокот на новата учебна година.

Постапката за печатење на новите учебници започнала пред две недели, а секое училиште ќе го добие тиражот кој го има побарано преку посебна електронска апликација на министерството.

„Прашањето за новите учебници го решивме системски и долгорочно. Во меѓувреме, МОН заедно со другите надлежни институции ќе продолжи да вложува во изработка на нови наставни програми и учебници, затоа што тоа е еден од основните услови за квалитетна едукација, односно воспитно – образовен процес“, стои во соопштението на МОН.