Се бара мораториум на активностите во охридското Студенчишко блато

Граѓанската иницијатива „Охрид СОС“, по повод 5 јуни, Светскиот ден на животната средина, денеска на градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, му врачи барање за мораториум на спроведувањето на сите активности и проекти во врска со биорезерватот Студенчишко блато.

„Студенчишко блато се одликува со исклучителна вредност поради присуство на ретки и на ендемични видови растенија и животни, како и поради неговото функционално значење за Охридско Езеро. Дополнително, Министерството за животна средина и просторно планирање веќе има почнато постапка за негова заштита и за прогласување на споменик на природата“, стои во барањето.

Од граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ сметаат дека доколку се спроведе урбанизација на Студенчишко блато, целата флора ќе биде под постојани надворешни влијанија.

– Растителните заедници се со многу ограничена распространетост, како и видовите растенија и алги што се среќаваат само во блатото и на ниту едно друго место на светот. Со намалувањето или преземање на површината на блатото, ќе се промени квантитетот и квалитетот на подземните и на површинските води, како и неговата основна функција, а тоа е природен прочистувач на Охридско Езеро. Тоа, воедно, е најсериозна закана по биолошката разновидност и на блатото и на езерото – апелираат од „Охрид СОС“.

Доколку продолжи да се урбанизира наместо да се заштити и да се зачува блатото, не постои мерка што би го намалила штетното влијание врз Студенчишко блато, а со тоа и влијанието врз Охридско Езеро, додаваат од „Охрид СОС“.