Вистиномер: Руската Дума со драконски казни: Од 10-15 години затвор за свесно ширење лажни вести за руската војска

Фото: duma.gov.ru

Руската Дума усвои закон со кој се пропишани драконски казни за делото „свесно ширење на лажни вести“ за операциите на руската војска, категоризирани според тежината и последиците од таквото делување, јави агенцијата РИА новости, пренесува „Вистиномер“.

Според новиот закон, за делото „свесно ширење на лажни информации за вооружените сили на Руската Федерација под маската на веродостојни пораки“, најниската казна е парична од 700.000 до 1,5 милиони рубљи (со значајниот пад на руската валута една рубља = 0,0083 евра), сè до казна затвор до три години во зависност од тежината за ова дело.

За ширење фалсификат користејќи службена положба од група лица или група лица со вештачко создавање докази за обвинителството, казната ќе биде од пет до 10 години затвор. Доколку ваквите лажни информации намерно предизвикале тешки последици, законот предвидува казна затвор од 10 до 15 години.

Државната дума воведе и прекршочна одговорност за дискредитација на вооружените сили на Руската Федерација. Законот предвидува воведување одговорност за јавните повици за спречување на употребата на вооружените сили на РФ. Доколку овие дејствија не содржат кривично казниво дело, тогаш казната за граѓаните ќе биде од 30 илјади до 50 илјади рубљи, за службениците – од 100 илјади до 200 илјади рубљи, за правните лица – од 300 илјади до 500 илјади рубљи.

Во редот мерки кои ги презема Руската Федерација, е и одлуката на Роскомнадозор, Федералната служба за надзор на комуникациите, информатичката технологија и масовните комуникации, според која од денеска се ограничуваат пристапите до интернет страната на Радио Слободна Европа (Radio Liberty), кое во Руската Федарација е обележано како странски медиумски агент, како и до сајтот на Би-Би-Си (BBC).

Како што јавуваат руските агенции, пристапот до овие два светски сервиса е ограничен според руските прописи за блокирање страници кои содржат повици за немири, екстремизам и учество во нелегални масовни акции.

Претходно беше ограничен пристапот до онлајн дигиталниот медиум „Медуза“.