Промовирана студија за интегрирана заштита на старото градско јадро на Охрид

Во Охрид денеска беше промовирана студија за интегрирана заштита на старото градско јадро на Охрид.

Студијата ја претстави еден од авторите, Горан Патчев, претставник на Завод и музеј од Охрид. Тој нагласи дека проектот има и законска основа, и тоа во Законот за заштита на Охрид, во член 10, со кој се наложува изработка на план за интегрирана заштита. Со помош на консултантската компанија „Таргет комуникации“, нивни претставници биле ангажирани за изработка на потребната студија.

– Планот е во согласност со законската основа од Законот за Охрид. Причините за донесување на ваков план се обезбедување посебни услови за трајно зачувување на споменичната целина и за отстранување на причините за загрозување на вредностите на тоа наследство и координирано реализирање на проекти и на планови. Заштитата треба да биде интегрирана во сите сфери на животот во градот. Во согласност со Законот за заштота на Охрид, со заштитеното јадро управува Завод за заштита на спомениците, во името на Република Македонија. Во името на локалната заедница, пак, управува локалната самоуправа, што досега не беше практика. Поентата на планот е да се вклучат сите сфери, од социјално-економската до еколошката. Заштитата на природното и на културното наследство со негово промовирање, како туристичка атракција, ќе води и до социо-економски развој и до подобар живот на сегашните и на идните генерации – појасни Патчев.

Проектот доби поддршка од регионот Нормандија од Франција и од збратимениот град Каен, како валоризација на културното наследство, заедничка тема и за Франција и за Македонија.

– Уште од 2012 година почна соработката меѓу двете општини со размена на идеи, практики, информации за тоа како одат плановите за интегрирана заштита на старото градско јадро, примарно на Охрид, а се водиме по тие примери и политики и во нашиот град Каен. Каен веќе заврши со првата фаза од спроведување на планот и ќе почне да се спроведува овој план од 2017 година. И ние сме во почетна фаза на реализација на овие планови и сакаме соработката со Охрид да продолжи и двата планови да бидат успешни, како кај нас, така и кај вас – рече на презентацијата Катерина Џобвел, претставник на Општината Каен од Нормандија.