Поезијата на Славе Ѓорѓо Димоски, објавена во Бугарија

Избор од поезијата на охридскиот поет Славе Ѓорѓо Димоски со посебна белешка е објавена на веб-страницата „Збориште на трубадури“ во Софија, Бугарија.

Оваа објава е дел од обемен избор oд неговата поезија, кој ќе се појави до крајот на годинава во Софија под наслов „Поле. Бојно поле“.

Објавувањето на оваа книга е финансиски поддржано од Европската мрежа за литература и култура „Традуки“. Преводот на бугарски е на Роман Кисјов, кој има преведено повеќе од 20 македонски поети.

Истовремено, во најновиот број на списанието за општествени прашања, култура, книжевност и за наука „Радостова“ од Полска, во рубриката „Балкански строфи“, поместени се одбрани препеви од струшкиот поет и прозен автор Петко Шипинкаровски.

Препевите се дело на Олга Лалиќ-Кравицка.

На овој начин продолжуваат веќе воспоставените културни врски меѓу Полска и Македонија на книжевно поле, за подобро запознавање на двете литератури.