Платформата за борба против корупција бара итно да се врати во функција порталот „Отворени финансии“

Платформата бара од Министерството за финансии да се овозможи непречен пристап, континуирано и навремено ажурирање на податоците на порталот и нивна достапност во отворен формат, како што беше и досегашната практика

фото: Принтскрин / https://open.finance.gov.mk/mk/home

Платформата на граѓански организации за борба против корупција реагираше со осуда на оневозможениот пристап на јавноста до информациите од Трезорот и бара итно да се врати во функција порталот „Отворени финансии“.

Платформата бара од Министерството за финансии да се овозможи непречен пристап, континуирано и навремено ажурирање на податоците на порталот и нивна достапност во отворен формат, како што беше и досегашната практика.

„Порталот ‘Отворени финансии’ на кој се објавуваат податоците за реализација на трансакции на сите буџетски корисници на Буџетот на Република Северна Македонија, последен пат е ажуриран на 17.6.2024 година. Согласно преземените обврски во рамки на Партнерството за отворена власт и досегашната пракса, податоците на порталот се ажурираат два пати во текот на месецот, што значи дека повеќе од два месеци порталот не ја извршува својата функција“, реагираат од Платформата за борба против корупција.

Од таму велат дека воведувањето на порталот „Отворени финансии“ е една од најзначајните реформи со кои се унапредува транспарентноста на државните институции. Како дел од Партнерството за отворена власт, оваа активност беше оценета како заложба со амбициозен дизајн и успешна имплементација која воведе исклучителни промени во институционалните практики.

„Платформата ја потсетува Владата на Република Северна Македонија дека во предизборието беше ветено дека ќе се зголеми бројот на отворени податоци и нивно ажурирање. Со сегашната состојба на ‘Отворени финансии’, Платформата стравува дека процесот се движи во спротивна насока“, велат од Платформата.