Пендаровски го призна поразот на претседателските избори

Пендаровски рече дека „неговата совест e чиста“, но не е сигурен дека совеста е чиста и кај „оние кои ги спречувале граѓаните да го земат и второто гласачко ливче“

Фото: Тим за комуникации, Стево Пендаровски

Досегашниот претседател на државата Стево Пендаровски на прес-конференција изјави дека резултатите од претседателските се јасни и дека нема намера да ги објаснува, а додаде и дека „неговата совест е чиста“.

Сепак, тој изјави дека не е сигурен дека совеста е чиста и кај „оние кои ги спречувале граѓаните да го земат и второто гласачко ливче“.

„Им се заблагодарувам на сите институции и учесници во изборниот процес на изборниот ден. Резултатите се јасни и немам намера да ги објаснувам, сакам да им честитам на победниците и да им посакам успешна работа во следните 4 односно 5 години. Мојата совест е мирна, но не сум сигурен дека е мирна совеста кај оние кои поради теснопратиски интереси не дозволија денеска граѓаните да го земат второто гласачкото ливче за да гласаат“, рече Пендаровски.

На прашањето дали ги загубил претседателските избори затоа што бил кандидиран од СДСМ, Пендаровски рече дека „за жал, партократските елити се посилни од граѓанската елита“.

„Знаев дека СДСМ не се во кондиција во која биле претходно, но имав надеж дека можам да бидам рамноправен натпреварувач“, рече Пендаровски.

(ИНФОГРАФИК) Мал одѕив на претседателските избори во општините со мнозинство албански гласачи