Обвинителен акт против 11 диви копачи на културно наследство

Со нивно трајно оттуѓување, обвинетите сториле трајна штета за археолошкото, историското, музејското и уметничкото истражување на надлежните државни и научни институции и штета на државата, се вели во соопштението на Јавното обвинителство

Фото: Pixabay.com

По истражна постапка што се спроведуваше од 13 декември минатата година, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднел обвинителен акт против 11 лица.

Петмина од обвинетите, освен за кривичното дело „злосторничко здружување“, се товарат и за кривичното дело „оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или културни реткости“, а двајца се обвинети и за кривичното дело „изнесување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“.

„Отуѓените добра се предмети со археолошки, етнолошки, уметнички и историски вредности со непроценлива вредност, односно значајно добро и добро од особено значење сопственост на Р.С. Македонија, со исклучителна вредност. Со нивно трајно оттуѓување, обвинетите сториле трајна штета за археолошкото, историското, музејското и уметничкото истражување на надлежните државни и научни институции и штета на државата“, се вели во соопштението на Јавното обвинителство.

Според диспозитивот на обвинителниот акт, во текот на втората половина на 2021 година тројца обвинети создале група во која припадници станале останатите обвинети и едно лице кое е во бегство. Тие од 01.12.2021 година до 12.12.2022 година вршеле истражување на археолошки локалитети како недвижни добра под привремена заштита, користејќи пренесени сознанија, карти и рачно пишани текстови и преданија за ориентација и пронаоѓање на археолошките локалитети.

По пронаоѓање на локалитетите, со користење на метал детектори обвинетите извршувале недозволено истражување и ископување на движни добра под привремена заштита, односно културно наследство.

„Археолошките добра и историските предмети иако знаеле дека потекнуваат од извршено кривично дело, ги присвојувале и ги прикривале во нивните домови или на непознати локации и неовластено од надлежен орган ги нуделе и продавале на заинтересирани купувачи од земјата и од странство“, велат од обвинителството.