Обвинение за пет лица во предметот „Грчец“, за останатите постапката ќе продолжи по нивно обезбедување

Дел од припадниците на групата се обвинети дека неовластено купувале кокаин од земјите од Јужна Америка и потоа го продавале во Македонија. Против двајца е поднесено обвинение бидејќи создале криминална група што имала за цел вршење на убиства од одмазда и по порачка

Фото: Принтскрин, видео на МВР (јануари 2024)

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска поднесе обвинение против пет лица во случајот „Грчец“.

Тројца од обвинетите, како припадници на организираната меѓународна криминална група, извршиле кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори.

Тие, заедно со други лица, од кои дел се недостапни на органите на прогонот, дел се починати, а дел веќе осудени, заеднички делувале во набавката, пренесувањето и продажбата. Тројцата се обвинети дека во повеќе наврати во текот на 2020 година биле инволвирани во неовластено купување на 15,005 килограми кокаин и негово пуштање во промет во земјава.

„Меѓународната криминална група чии припадници се обвинетите, делувала во временскиот период од 14.06.2019 до 09.03.2021 година при што во повеќе наврати спровела неовластено купување на наркотична дрога – кокаин од земјите од Јужна Америка, организирајќи го и нејзиното пренесување преку воден пат до европските земји. Неовластеното пренесување на наркотичната дрога – кокаин наменета за неовластена продажба во Р.С. Македонија од Кралството Белгија и од Р.Албанија преку Косово го договарал и организирал еден од осомничените во предметот – недостапен на органите на прогонот кој е организатор на групата во Р.С. Македонија“, се вели во соопштението на Јавното обвинителство.

Останатите двајца, пак, се обвинети дека сториле кривични дела Злосторничко здружување. Во периодот од декември 2019 до март 2021 година, осомничениот организатор кој сега е во бегство, заедно со уште едно лице недостапно на органите на прогонот и уште двајца починати, создале криминална група која имала за цел вршење на кривично дело Убиство од одмазда и по порачка.

Организаторите на групата подготвувале планови и носеле одлуки за тоа кој, кога, каде и на кој начин да биде лишен од живот. Одлуките потоа ги спроведувале лично или преку припадници на организираната криминална група, а договорите, налозите и упатствата биле пренесувани во непосредни контакти или преку енкриптирани телефони на кои била инсталирана мобилната апликација „Скај“ (SKY).

„Така, организаторите врз основа на претходни сознанија во кои биле цврсто убедени, дека едно лице наводно е учесник и предводник во престрелката во Хотел „Александар Палас“ во Скопје, каде со употреба на огнено оружје било пукано кон дел од членовите на групата, започнале да прават план за лишување од живот на лицето. Откако донеле одлука да го убијат, ги ангажирале двајцата обвинети и уште едно сега починато лице, давајќи им налог да го следат неговото движење. По неколку неуспешни обиди, на 5.3.2020 година, обвинетите и сега починатиот, употребувајќи светлосни сигнални уреди – флешери, го запреле возилото во кое се наоѓало лицето кое им било цел со уште три други лица и со употреба на автоматско оружје и пиштол го лишиле од живот, притоа убивајќи уште едно лице кое седело зад него“, соопштија од обвинителството.

Поради постоење на можност обвинетите да се дадат во бегство и да го повторат делото, доставен е предлог да им се продолжи изречената мерка притвор.

Наредбата за спроведување на истражна постапка беше донесена во јануари, против 15 лица. За четири лица кои се недостапни на органите на прогонот, обвинителството преку Министерството за правда ги презело „сите неопходни активности согласно Законот за меѓународна помош во кривична материја“. За две лица се доставени документи за екстрадиција до Обединетите Арапски Емирати, за едно лице до Хрватска и за едно лице до шпанските власти.

„Постапките за екстрадиција се водат согласно процесните закони на државите во кои се наоѓаат осомничените лица и за нив истражната постапка ќе продолжи по нивното обезбедување, како и за останатите осомничени“, додаваат од обвинителството.