Народна банка ја намали основната каматна стапка на 2,50 проценти

Фото: Мета.мк

Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ, донесе одлука за намалување на основната каматна стапка во услови на поволни движења на девизниот пазар.

„Врз основа на оцената на постојните економски и финансиски услови, како и на постоечките ризици, Комитетот оцени дека постои простор за натамошно олабавување на монетарната политика. На седницата беше донесена одлука за намалување на основната каматна стапка за 0,25 процентни поени, односно од 2,75 проценти на 2,50 проценти. Понудата на благајнички записи за аукцијата којашто ќе се одржи на 12 декември e задржана на нивото од 25.000 милиони денари“, информираат од Народна банка.

Комитетот ги задржа досегашните согледувања за здрави економски основи.

„Во однос на најновите макроекономски показатели, проценетите податоци за БДП за третото тримесечје од годинава покажуваат солиден економски раст од 3 проценти на годишна основа, малку повисок од очекуваниот во октомвриските проекции. Од аспект на структурата на растот, во третиот квартал поволните остварувања на извозната страна се главниот фактор за високиот позитивен придонес на нето-извозот за вкупниот економски раст. Позитивен придонес има и домашната побарувачка, воден од растот на личната и јавната потрошувачка, и покрај продолжениот пад кај бруто-инвестициите“, се додава во соопштението.