Над 1.200 ученици ја посетија изложбата на Гете-институтот во Скопје

Фото: Гете-институт Скопје

„Вселена.Човек.Интелигенција.“ е интерактивна изложба за млади, која Гете-институт во соработка со друштвото Макс Планк ја прикажува ширум светот. Од отворањето на изложбата на 3 април во Скопје до сега, истата ја посетија над 1.200 ученици од основните и средните училишта од целата земја, информираат од Гете-институтот.

„Покрај организирани посети, изложбата ја посетија и поединци заинтересирани за темите вселена, историја на човештвото, мозок, антропоцен и вештачка интелигенција“, стои во соопштението од Гете-институтот.

Во рамки на изложбата беше спроведен и натпреварот “СТЕМ во мојот живот”. Победничкиот тим доби стипендии од Педагошката служба за размена (PAD) за 4-неделен престој во Германија.

На работилниците за Кариерна ориентација која се нуди во соработка со Асоцијацијата на кариерни советници од Македонија, учествуваа околу 245 наставници, а работилници за кариерно советување на ученици ќе се одржат на 25 и 27 април.

Во соработка со Германската академска служба за размена (DAAD) се нуди советување за студирање во Германија. Следното советување е планирано денеска, 25 Април во 17 часот во Културно Информативен Центар во Скопје.

Инаку, изложбата ги претставува сегашните и идните истражувачки проекти од Германија и поставува значајни прашања кои се однесуваат на нас како жители на Земјата и на кои ние се обидуваме да одговориме: Од каде доаѓаме? Каде одиме? Што не прави да бидеме луѓе?, а ќе може да се посети до 28 април во изложбениот простор на Културно-информативниот центар во Скопје. Влезот е бесплатен.

Целта на изложбата е на сите заинтересирани за Германија и германскиот јазик да им покаже дека истражувањето во Германија ужива висок статус и е важен дел од германската култура.