Мицкоски со постизборен литературен статус: ВМРО тече во вашите вени, ние сме пиреј

„Нашата борба тука не запира. Вековниот стремеж кон подобро утре, посреќна иднина и вистинска Македонија, продолжува. Ајде сите заедно да продолжиме да чекориме по тој пат, ајде сите заедно да се обединиме и да продолжиме онаму каде што застанавме“, напиша генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на својот фејсбук-профил.

Тој им се заблагодари на сите што гласале за ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори и ја подржале „светлината, разденувањето и желбата за поинаква Македонија“.

– Ќе се обидат да нè негираат, омаловажуваат, понижуваат, делат и што ли уште не… Но, ве молам, немојте, ама никогаш немојте да заборавите дека ВМРО тече во вашите вени и е дел од вашите животи. Ајде, сите заедно да го продолжиме аманетот на нашите дедовци, да му ставиме крај на овој ужас, да го поразиме злото – напиша Мицкоски.

Тој цитираше дел од романот „Пиреј“ на Петре М. Андреевски и напиша „немојте никогаш да заборавите“.

„Племето наше е пиреј и не го ништи ни една војска! Ама ти колку сакаш кошкај ја, корни ја, куби ја, таа пак не умира. Само малку да се допре до земјата и пак ќе оживи, ќе потера. Ништо не ја ништи таа трева“, стои во цитатот на Мицковски на „Фејсбук“.