Стариот возен парк на Општина Чаир ќе се замени со нови еколошки возила на електричен погон. Ваква одлука донел Советот на општината на предлог на градоначалникот Изет Меџити. Од Општината соопштуваат дека пред да се донесе одлуката, била направена анализа која покажала дека новите електрични возила ќе бидат корисни за животната средина, бидејќи не ја загадуваат околината, а се поекономични.
– Со оваа одлука сакаме да дадеме пример за тоа како може да се дејствува во насока на долгорочно унапредување на животната средина, а особено на квалитетот на воздухот што сите ние го дишеме. Свесен сум дека со само една активност невозможно е да се постигнат посакуваните резултати, но и малите чекори водат кон решението – изјави Меџити, најавувајќи дека набргу Општината ќе го постави и првиот полнач за автомобили на електричен погон, кој покрај новите општински автомобили, ќе можат да го користат и граѓаните кои ќе одлучат да набават вакви возила.
Меџити најави дека до ЗЕЛС и до Град Скопје ќе покрене иницијатива за проширување на оваа активност, особено во делот на инсталирање полначи за електрични автомобили на јавен простор, со што ќе бидат исполнети условите за нивно користење.
– Постапката на продажба на постојните службени возила на Општина Чаир е во тек, а јавната набавка за пет нови електрични возила ќе биде објавена по 15 јануари, односно откако законски ќе стапи на сила новиот општински буџет – објасни претседаталот на Советот на општина Чаир, Захир Бектеш.