Матка 16 години чека да биде репрогласена како заштитено подрачје

Фото: Арбнора Мемети

Кањонот Матка од 2004 година чека да биде репрогласен за заштитено подрачје како споменик на природата. Една од најубавите природни реткости во земјава и дом на многу ретки и ендемични видови на растенија и животни, меѓу кои и египетскиот и белоглавиот мршојадец, кои се на црвените листи на загрозени видови, речиси две децении е оставена без заштита пред налетите на недозволените градежни зафати и без соодветно управување кое ќе обезбеди презервација на нејзините природни вредности.

Иако законот за заштита на природата, донесен пред 16 години, наложи сите делови од земјата заштитени според стари закони, да мора да бидат репрогласени, со утврдување на границите и управувачот на подрачјето, овие постапки се одвиваат со недозволива бавност. Законот не предвидува временски рамки за овие активности, па Матка, како и голем број други предели, се оставени на милост и немилост на различни узурпатори. Иако старата Одлука за прогласување на Матка за споменик на природата, донесена во 1994 година од  тогашното Собрание на Градот Скопје, врз основа на Законот за заштита на природни реткости од 1973 година, сè уште е на сила, кањонот е оставен без управувач, откако спелеолошкото друштво „Пеони“ не ја врши оваа функција, и е целосно незаштитен.

Фото: Арбнора Мемети

За овие 16 години, преку грантови од меѓународни институции, изготвени се два неопходни документи, но нивните конечни верзии не се готови, за да може да биде завршена постапката за репрогласување. Во 2010 година е изработена Студијата за ревалоризација на природните вредности на заштитеното подрачје споменик на природата „Кањон Матка, во рамките на проектот на УНДП „Јакнење на еколошката, институционалната и финансиската одржливост на системот на национални заштитени подрачја на Македонија“ со средства од Европската Унија. Минатата година, исто така преку УНДП, беше финансиран проект за преиспитување на границите на заштитената зона, неопходен за да се донесе Законот за прогласување на локалитетот Матка за споменик на природата.

Во Министерството за животна средина велат дека, во согласност со законот за заштита на природата, во 2014 година изготвиле предлог-закон за прогласување на Матка за споменик на природа со предлог надворешни граници. Но, за предлогот да дојде во владина процедура за прогласување на Матка за заштитено подрачје во категорија III –  споменик на природата, потребно е Градот Скопје конечно да ги утврди границите на подрачјето под заштита.

„За да може Министерството за животна средина да го достави Предлог-Законот за прогласување на Кањон Матка за споменик на природата во Владина процедура, како приоритетни активности кои треба да се завршат се ревизијата на предлог-надворешните граници и внатрешните зони во заштитеното подрачје со ГИС податоци и наративни описи“, велат во Министерството.

Посочуваат дека Градот Скопје, во рамките проектот на Европската Унија и УНДП за заштитени подрачја „Подобрување со управување со заштитените подрачја“ во соработка со УНДП и национални експерти го подготвил нацрт-Извештајот со предложените зони, но не и конечната верзија.

Фото: Арбнора Мемети

„До Министерството е потребно е да се достават конечната верзија на извештајот и ревидираната Студија за ревалоризација на природни вредности на заштитеното подрачје – Споменик на природа Кањон Матка со усогласен став на засегнатите страни, а тоа се Градот Скопје, ЈП за управување и заштита на Повеќенаменско подрачје ‘Јасен’, Министерството за одбрана и Општината Сарај. Согласноста е неопходна како за границите и зоните, така и за управувањето, за да може постапката за прогласување да продолжи“, посочуваат во Министерството.

Во Градот Скопје, пак, велат дека се во очекување на финалниот документ од Студијата за ревалоризација на природните вредности на кањонот Матка, но не прецизираат во кој временски период ќе биде завршен.

„По добивањето на овој документ, Градот ќе поднесе иницијатива до Министерството за репрогласување на наведениот локалитет преку доставување на Предлог за репрогласување на заштитениот локалитет Кањон Матка, претходно усвоен од Советот на Град Скопје. По завршување на постапката предвидена со Законот за заштита на природата, Собранието треба да донесе Закон за репрогласување на Матка“, информират од Градот Скопје.