Лимани: Флоскулата „Светот останува на младите“ конечно треба да се претвори во дело

И не дека само „иднината е на младите“, туку и сегашноста е на младите, рече Лимани

Фото: Министерство за социјална политика, демографија и млади

По повод Меѓународниот ден на младите, министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, кажа дека флоскулите „иднината е на младите” и „светот останува на младите”, треба конечно да се претворат во дела.

Тој учествуваше на конференција „Општините пријател на младите – Mладинското учество во фокус“, финансиран од Европската Унија, а имплементиран од Националниот младински совет на Македонија заедно со партнерите.

„И не дека само „иднината е на младите“, туку и сегашноста е на младите. Затоа што денес ги креираме политиките и од она што денес ќе го креираме зависи каква иднина ќе имаат следните генерации. Да започнеме од сегашноста, од денес“, рече тој.

Лимани кажа дека е убеден дека видливоста на младите во општеството и нивната вклученост во носењето на одлуките ќе биде подигната на повисоко ниво, а рече и дека приоритет на оваа Влада е да обезбеди сигурни и добро платени работни места за младите луѓе во Македонија.