Католиците и протестантите и дел од православните цркви го чествуваат Божик

Photo: bluartpapelaria @ pixabay.com

Католичките и протестантските верници и дел од православните христијани во помесните православни цркви што се водат по Грегоријанскиот календар, денеска го одбележуваат Раѓањето Христово – Божик.

Во земјава денеска Божик го празнуваат католиците и протестантите. Централниот настан на годинашните божикни празнувања беше полноќната миса во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово” во Скопје, каде синоќа имаше божиќна света литургија.

На мисата присуствуваа определен број свештени лица и верници согласно протоколите за заштита од ковид-19, како и директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски.

Бискупот скопски и струмичко-скопски епарх Киро Стојанов, честитајќи им го празникот Божик на католичките верници на литургијата ја прочита божикната проповед.

– Драги браќа и сестри! Божиќ е. Со овој празник го славиме Христовото раѓање, овоплотувањето на Божјиот Син, кој, како што исповедаме во Верувањето, „Кој заради нас луѓето и заради нашето спасение слезе од небото. И се овоплоти од Светиот Дух и Дева Марија и стана човек.” Тоа е христијанската вера. Ние веруваме дека овој настан е конечното откровение на Бога во историјата на спасението, кое никој и ништо не може да го надмине“, порача поглаварот на католиците во земјава.