Јаневска: Во моментов работиме на две пријави за приватен и една за државен универзитет

Во моментов работиме на три пријави, за еден државен и два приватни универзитети. За кои универзитети конкретно станува збор, ќе говориме кога ќе имаме сериозни докази, изјави министерката за образование и наука

Фото: Влада на РСМ

Во Министерството за образование и наука постојано стигнуваат поплаки за работа на одредени универзитети и факултети, изјави во вчерашното гостување на Телевизија Алфа, министерката Весна Јаневска.

Според неа, против ерозијата на високото образование се неопходни сериозни, транспарентни и законски постапки.

Таа информираше дека во моментов се процесираат вкупно три пријави за високообразовни установи – една за државен и две за приватен универзитет.

„Во моментов работиме на три пријави, за еден државен и два приватни универзитети. За кои универзитети конкретно станува збор, ќе говориме кога ќе имаме сериозни докази. Дојде време да се работи по закон. Нема да има селективност. Она што сега можам да го кажам е дека ќе следи реевалуација и реакредитација на сите универзитети“, нагласи министерката Јаневска.

Од МОН информираа дека на јавна расправа ќе стават и предлог за државни дипоми само за 9-то одделение и во завршна година од средно образование.

„Добивме нов е-дневник со средства од ЕУ, којшто е многу посовремен и поефикасен. Тој е во фаза на тестирање и одобрување и истиот овозможува печатење на свидетелства. Но реално, учениците имаат потреба од свидетелства само во 9. одделение и во завршна година од средно образование, за да го продолжат образованието или за да се вклучат на пазарот на труд. Можеби е подобро и поекономично, училиштата да ги печатат другите свидетелства, а завршните свидетелства да ги печати државата. И овој предлог ќе го ставиме на јавна дискусија“, рече Јаневска.