Јаневска: Родителите на децата со попреченост ќе одлучуваат каде ќе учи нивното дете

Инклузивното образование го воведе екс-министерката Мила Царовска во 2020 година

Photo by Scott Webb on Unsplash

На родителите на децата со попреченост во согласност со проценката од МКФ (Меѓународната класификација на функционирање, попреченост и здравје) ќе им овозможиме да одберат во какво училиште сакаат децата да им учат. Станува збор за деца кои се инклудирани во редовните паралелки, а нивните родители реагираат до нас дека не чувствуваат корист од тоа дека нивното дете е вклучено во редовна паралелка.

Ова го истакнала министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска во интервју за Радио МОФ, напоменувајќи дека дел од родителите се жалат дискриминацијата во редовните паралелки е поголема, отколку тие деца да се наоѓаат во средина каде што ќе имаат слични на себе деца.

„Започнуваме со консултации со стручната фела, со психолози, педагози и специјални едукатори и рехабилитатори за да изнајдеме најдобро решение за овие деца. Она што досега сме го заклучиле е дека за децата со тешка интелектуална попреченост, а може да имаат и други видови на попречености е дека треба да постојат така наречените посебни училишта во кои децата ќе имаат поприродна средина за себе, односно со кого да комуницираат, со кого да се дружат, што де факто во редовните училишта го немаат“, смета Јаневска.

Таа кажа дека некои здруженија на родители, барале децата да им учат во посебни училишта, додавајќи дека тоа релативно брзо ќе се дефинира и ќе биде предмет на јавна расправа, по што сите измени ќе бидат вклопени во законите за основно, средно и средно-стручно образование.

Инклузивното образование го воведе екс-министерката Мила Царовска во 2020 година. Таа тогаш кажа дека верува дека новата Концепција за основното образование се потпира на инклузивноста како еден од главните столбови.

„Токму затоа во делот на инфраструктурата интензивно вложуваме за да може да ги постигнеме заеднички целите, а тоа се квалитетно и достапно образование за секој ученик, за секој кој влегува во процесот на образование да може да ги постигне максималните потенцијали кои што ги поседува“, изјави тогаш Царовска.