„Изгубени модернистички утопии?“ утре на програмата на АКТО фестивалот

Фото: Факултет за работи што не се учат

Перформативниот настан „Изгубени модернистички утопии?“ ќе се одржи утре, со почеток од 12 часот, во јавниот простор кој се наоѓа спроти основно училиште „Јан Амос Коменски“, во близина на објектот на поранешна месна заедница во Тафталиџе во организација на „Факултет за работи што не се учат – ФР~У“.

Идејата за настанот е произлезена од четиридневната интердисциплинарна работилница „Изгубени модернистички утопии?“ одржана во периодот од 30.11 до 4.12 2021 година под менторство на Миодраг Куч (Колектив Кунстурепублик /ZK/U Центар за уметност и урбанизам – Берлин) и Филип Јовановски (ФР~У/ АКТО – Скопје). Соработници се Факултетот за драмски уметности – Скопје и Архитектонскиот факултет – Скопје, од каде учествуваат студенти по режија на ФДУ и студенти на Архитектонскиот факултет.

„Неодамнешната популаризација на и интерес за (социјалистичкото) модернистичко наследство внесе различни позиции и политички (ре-) изјави. Од една страна, архитектите и визуелните уметници често ја фетишизираат неговата естетика (особено бруталистичката архитектура), додека пак од друга страна, урбаниот развој заснован на недвижности се обидува да се ослободи од реликтите на несаканото минато. Помеѓу таквите радикални позиции, државата/градот нема соодветна валоризација кога станува збор за модернистичкото наследство, заробено во секојдневната политика и одржувањето на урбаните инфраструктури кои се распаѓаат“, стои во најавата за настанот.

Работилницата „Изгубени модернистички утопии?“ ги става граѓанското општество и населбите во центарот на дискусијата, проширувајќи ги значењата и функциите на Месната заедница под чија закрила може да се формираат, дискутираат и испробуваат иновативни идеи за наследството.

Целта на работилницата е да се деконструираат традиционалните пристапи кон наследството (заштита, конзервација, заживување, семиотички прекин итн.), да се сензитивизираат учесниците за враќање на политичкиот простор и конечно да се даде перформативна повелба за урбана трансформација.

Во продукција на организацијата „Факултет за работи што не се учат – ФР~У“ со поддршка од Гете – Институт Скопје, перформативниот настан е во рамките на 16. АКТО ФЕСТИВАЛ ЗА СОВРЕМЕНИ УМЕТНОСТИ – СОВРЕМЕНИ (НЕ) ДЕМОКРАТИИ што претставува интердисциплинарна платформа за едукација и продукција на современа уметност.

АКТО 16 е поддржан од Министерство за култура на Република Северна Македонија, Град Скопје и Фондација „Хајнрих Бoл“.