Истрага за обид за убиство во тетовско

Осомничениот го прободел со нож соседот што претходно во двор на џамија се расправал со него и со градоначалникот на Желино

Основно Јавно Обвинителство Тетово / Фото: Фисник Џелили, Порталб.мк

Донесена е наредба за спроведување истрага против 36-годишно лице осомничено за кривично дело убиство, информираше вчеравечер јавното обвинителство.

Во петокот (30 август) во тетовското село Стримница, пред угостителски објект на патот кон Желино, осомничениот се обидел да лиши од живот едно лице, така што го прободел со нож, нанесувајќи му тешка телесна повреда – убодна рана во градниот кош.

Присутни лице веднаш го однеле оштетениот во тетовската болница, од каде како итен случај бил препратен на Клиничкиот центар во Скопје.

На настанот, како што соопшти обвинителството, му претходела вербална расправија во дворот на џамијата по петочната молитва. Осомничениот и неговиот татко го забележале нивниот соселанец кој имал расправија со градоначалникот на Желино, Блерим Сејдиу.

„Бидејќи знаеле дека нивниот сосед е агресивен, се доближиле да го смират за да не настане поголем проблем. Но, тој не се смирувал и физички ги нападнал, удирајќи го таткото на сега осомничениот во главата“, велат од јавното обвинителство.

Присутни лица ги раздвоиле, но, подоцна пред угостителскиот објект се случил нападот во кој осомничениот го прободел со нож соседот што претходно во дворот на џамијата се расправал со нив и со градоначалникот на Желино.

На 36-годишниот осомничен му е определена мерка притвор во траење од 30 дена.