(ИНТЕРВЈУ) Анисија Угриновска: Кај надлежните има слух за проблемите на младите, но нема акција

Анимозитетот на младите кон ангажирањето и работата станува шолја утринско кафе, а непривлечноста кон креативноста го убива потенцијалот за промени, вели Угриновска во интервјуто за Мета.мк

Фото: Meта.мк

Функционалноста на една држава се гледа по тоа колку е задоволен младиот човек, за жал ваквото секојдневие сè помалку е воочливо на просторите на Македонија, а како главен виновник е непостоењето на новини кои на младите им се потребни.

Еден од клучните проблеми на оваа држава е иселувањето на младите, кое се чини никако да се тргне од македонското тло и станува секојдневие кое не може да се искорени со едноставни промени. Но, од ден за ден незадоволството кај младите не стивнува. Самостоен живот одвоен од родители во државата е луксуз, а оскудните промени од страна на власта доведуваат до незадоволство и пакување на куферот со карта во еден правец.

Младата активистка Анисија Угриновска е децидна дека промените мора да се случат бидејќи тоа е единственото решение. Покрај суровоста на жешкото време таа без проблем одговори на прашања на кои властите треба да се потсетат и реагираат.

Круцијалноста на младите во државата

На темата „Младите во или надвор од државата?“ Анисија несомнено имаше концизен став за тоа што треба да се промени со цел младите да бидат задоволни и да не го бараат парчето среќа надвор од границите. Таа како млад делегат и основач на ОДАС – организација за средношколци и студенти, вели дека е загрижена за иднината на младите кои секојдневно заминуваат поради оскудните младински услови.

„Според мене е круцијално да се прават ефективни политики за млади и добри чекори кога е во прашање иселувањето. Последните години, младите се иселија премногу. Секоја година слушаме за илјадници млади кои заминаа да студираат во Словенија, како и млади доктори кои заминаа да работат во странство. Едноставно атмосферата стана таква што веќе не смееме да дозволиме ова да продолжи со ваков интензитет. Круцијалноста се крие во тоа надлежните да обезбедат услови младите да останат тука. Евентуално начин да се олесни можноста да се остане e да се промени нешто“ вели Угриновска.

Фото: Мета.мк

Каде лежи проблемот?

Анимозитетот на младите кон ангажирањето и работата станува шолја утринско кафе, а непривлечноста кон креативноста го убива потенцијалот за промени. Таквата клима предизвикува само пасивност која е проследена со анксиозност и депресивност. Според истражувањата на јавното мислење, поголемиот дел од младите во Македонија или сакаат да работат во јавна администрација, или имаат план да се иселат од државата. Ваквото истражување тврди дека младите се апатични и незаинтересирани за граѓански активизам. Анисија тврди дека бранот на иселување се зголемува од година во година. Трагањето за подобри услови за студирање како и за поплатените работни места кои ги нудат другите држави се едни од главните причини. Додека работењето во јавна админстрација е само една од опциите за работа во смисла да припаѓаат некаде, па и самото вработување на младите тука го објаснува тоа. Проблемот според неа може да се надмине, а за истиот вели дека постои и решение.

Како што посочува таа, треба да се воведат мерки за младите да можат полесно да си обезбедат живеалиште, да им се подобри образованието, да се олесни начинот на запишување семестри за студентите, да се воведе дигитализација во сите области и здравството да се направи подостапно и поквалитетно.

Таа смета дека формирањето на Министерството за млади е добра реформа бидејќи значи оти младите ќе имаат посебна институција која треба да работи за нив.

„Младите не смеат да се заборават, бидејќи тие се центарот“, вели Анисија.

Активностите на организацијата ОДАС

Анисија, заедно со уште неколку свои истомисленици и врсници, е еден од основачите на ОДАС организацијата за млади средношколци и студенти. Нивната цел е да им помогнат на младите да станат посветени ученици, одговорни граѓани и идни лидери. Организацијата постои речиси четири години, а активностите се карактеризираат со креативен пристап. Како карактеристична активност, Угриновска посочи на еден од нивните проекти, финансиран од Европската унија, во кој тие направиле анализа на сите 27 закони, подзаконски акти и стратешки документи за млади во земјата.

„Нашата цел беа конкретно законите за млади до 29 години, а визијата ни беше да ги запознаеме младите со нив, но и да ја зголемиме правната писменост, како и да ги запознаеме со стратегиите на Владата за нив“, вели Угриновска.

Фото: ОДАС организација за дијалог и афирмација на средношколците и студентите

Таа смета оти ваквата активност е нужна со цел младите да станат поактивни, но и посвесни за законите и правата кои ги опфаќаат. Освен тоа, тековниот проект на кој работат, а кој е поддржан од Вестминистер фондацијата и Британската амбасада е сличен на претходниот. Сепак таа не откри премногу детали.

„Не можам да кажувам многу, но она што може да го споделам е дека се работи за волонтерство, односно признавање на волонтерството како работно искуство. Се работи за вработување на младите, а искуството од волонтерството не секогаш го земаат в предвид оние кои вработуваат“, вели Анисија.

Активизмот на властите за младите

Нејзиниот активизам е исполнет со бројни јавни настапи и говори. Пред точно две години, во еден од говорите таа упати јасна порака до властите:

„Вие живеете во времето на нашата генерација, а нашата генерација живее во времето на вашите одлуки, па затоа бидете во чекор со генерацијата“.

Според неа ваквиот совет се слуша само делумно. „Мора да имаат слух сите кои се надлежни и сите кои ја имаат моќта за промена. Колку тие имаа слух можевме да видиме овие години, а можев да воочам и јас низ овој мој петгодишен активизам. Можеше да се види дека иако постоеше слухот за младите, тука престанува. Ги слушаме младите, сè е супер но потоа каде е акцијата, каде е делувањето каде се активностите. Потребно е тоа што ќе се чуе од младите да се вклопи во државната политика и навистина да се институционализира и да се примени“.

Анисија беше конкретна дека покрај слухот фалат акции и дела кои можеби ќе направат вистински и клучни промени. Таа упати порака до младите дека треба да се гласни и да бараат од властите промени, а до нив насочи дека треба да ги слушаат потребите на младите и секогаш да бидат на нивна страна.

Подвигот на млади активисти е нужност за да се покренат многу прашања и на истите да се добие одговор и решение. Само на таков начин може да се види промена, а неактивноста и жалењето дека ништо не се случува и менува само ќе го забави процесот на промени кои се неопходни да се движиме напред.

Угриновска: Вие живеете во времето на нашата генерација, а нашата генерација живее во времето на вашите одлуки (видео)