ИД повикува на освојување на Истанбул

Маскиран џихадист, кој се претставува како припадник на радикалната Исламска држава, ги повика Турците да се кренат против претседателот Реџеп Таип Ердоган, кого го нарекуваат наверник и да помогнат во освојувањето на Истанбул.

Џихадистот на турски јазик во пораката го обвинува претседателот дека им ја продал земјата на крстоносците, и им дозволил на Американците да ги користат турските воздухопловни бази за напади врз Исламската држава, само за да се задржи на позицијата.

Турција е во состојба на зголемена безбедносна подготвеност откако започна „синхронизираната“ операција против терористичките организации, во кои се вклучени воздушни напади врз позициите на Исламската дражва во Сирија, односно овозможување на американските авиони за оваа цел да ги користат турските воени бази, како и напади врз позициите на забранетата Работничка партија на Курдистан во северен Ирак. Истовремено, турската полиција и разузнавачките служби ширум државата речиси секојдневно спроведуваат апсења на припадници на радикални исламистички и политички групации, осомничени за подготовка на терористички напади.