Хрватскиот министер за одбрана: Од 1 јануари задолжителниот воен рок ќе трае два месеци

Во јавноста веќе извесно време се зборува за враќање на задолжителниот воен рок, а еден од нејзините најголеми застапници е министерот за одбрана Иван Анушиќ од Хрватската демократска заедница (ХДЗ)

Фото: Photo by Chris Curry on Unsplash

Хрватскиот министер за одбрана Иван Анушиќ изјави дека задолжителниот воен рок кој беше најавен на почетокот на следната година, ќе трае два месеци.

„Воениот рок ќе трае два месец и ќе започне на 1 јануари 2025 година“, изјави Анушиќ за телевизијата РТЛ.

Во јавноста веќе извесно време се зборува за враќање на задолжителниот воен рок, а еден од нејзините најголеми застапници е министерот за одбрана Иван Анушиќ од Хрватската демократска заедница (ХДЗ).

Тој со месеци најавува враќање на задолжителниот воен рок од почетокот на 2025 година за млади мажи над 18 години, но со напомена дека сè уште се преговара за деталите и дека политичката процедура не е завршена.

Задолжителниот воен рок е укинат во 2008 година и оттогаш воениот рок се отслужува само доброволно, но и за тоа има мал интерес.

Претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ неодамна изјави дека за враќањето на задолжителниот воен рок треба да се разговара долго и сериозно на највисоко ниво.

Во врска со најавите од владата предводена од ХДЗ и десничарското Движење Татковина, Милановиќ рече дека хрватскиот Устав „остава многу малку простор“ за задолжителен воен рок.

Невладиното здружение Центар за економско образование во јули поднесе петиција со над 5.000 потписи против враќањето на задолжителниот воен рок до Владата и Министерството за одбрана.