„Гугл транслејт“ ги урива јазичните бариери

Компанијата „Гугл“ се надева дека нејзината апликација „транслејт“ (преведувач) ќе ги урне јазичните бариери со помош на гласовното преведување.

Ажурираната апликација веднаш нуди изговорен превод на зборови на десетина јазици и на тој начин овозможува лесно да се разберат луѓето што ќе се најдат во странска земја, јавува „Индипендент“.

Апликацијата, исто така, нуди употреба на камера како средство за преведување. Тоа значи дека корисникот може со помош на камерата да направи слика и автоматски да добие превод на тоа што пишува на неа.

Благодарение на оваа апликација, туристите во рестораните нема да бидат измамени и натерани да нарачаат нешто без да знаат што е.

Сето ова изгледа како преведувачот да има волшебни дејства. Делумно, тоа е и вистина затоа што ни овозможува лесно да се разбереме со пријателите од странство, а, исто така, и со локалното население во земјата во која сме туристи.
Сепак, постојат и ограничувања. Иако конверзацискиот мод функционира на 38 различни јазици, фотопреводот вклучува само англиски, француски, германски, италијански, португалски, руски и шпански.