Граѓаните да внимаваат, кружи кампања за лажно тргување со криптовалути

Секторот за компјутерски криминал апелира до граѓаните и правните субјекти да не отвараат сомнителни линкови и прикачени документи во прилог на пораки што не доаѓаат од верификувани и за нив познати испраќачи

Фото: Image by Roy Buri from Pixabay

Од Секторот за компјутерски криминал информираат дека се шири лажна кампања за лесно тргување со криптовалути. Зачестено е објавувањето линкови до веб сајтови и сервиси на социјалните мрежи за брза заработка со криптовалути.

Таргетирањето се врши преку оставање на приватни имејл адреси, преку кои се испраќаат пораки во кои се ветува лесна заработка со тргување на лажни берзи за криптовалути. Кампањата започнува со објави на социјалните мрежи „Фејсбук“ и „Инстаграм“ кои се прикажани како информации од познати македонски портали.

Во овие објави најчесто пишува „избришани интервјуа затоа што централната банка не сака да ја знаете оваа тајна“ и спомнуваат познати личности од државата, дури и објавуваат фотографии од истите со цел поголема легитимност на објавата, каде се наведува дека може да се стекнете со криптовалути на брз начин, а сè што треба да направите е да се посети дадениот УРЛ линк. Тој води до веб-локација која претставува платформа за тргување со криптовалути, но нема официјални детали за регистрација на компанија, нема информации за јурисдикцијата или нешто што покажува како да се поврзете со правното лице на кое ќе му ги доверите парите, се вели во соопштението од Министерството за внатрешни работи.

Начинот на регистрацијата е лесен, не бара лозинка, но веднаш се бара префрлање пари од ваша сметка за да овозможите купување на криптовалути.

Според МВР, сето ова изгледа вистинито, бидејќи на овие веб-страни стои дека законски се опфатени и нема ризик во губењето на средства при тргување. Во овој период кампањата е доста распространета на социјалните мрежи „Фејсбук“ и „Инстаграм“ ширум Европа и се прилагодува според државата, а се користат имиња на познати личности за поголема легитимност.

Постојат многу лажни веб-сајтови за тргување со криптовалути. Кај нас може да се забележи со имитирање на порталот „Кајгана“ (официјален сајт https://kajgana.com/), на линк кој води до страница на страницата „minishouts.com“.

Објавата тврди дека е „избришано“ интервју во кое се тврди дека ја знае тајната за заработка со крипто тргување. Страницата има неколку наводни сведоштва, односно коментари на објавите од ботови кои објавуваат дека заработиле многу пари користејќи ја платформата, а има и слика од банка што покажува дека сето ова е точно, а заработката е голема, додека сликата од логото на банката е со лош квалитет.

Секторот за компјутерски криминал апелира до граѓаните и правните субјекти да не отвараат сомнителни линкови и прикачени документи во прилог на пораки што не доаѓаат од верификувани и за нив познати испраќачи, да не наседнуваат на измами од ваков тип, а правните субјекти да преземат соодветни мерки за заштита на нивните компјутерски системи.