Герила акција на Меѓународниот ден на младите: Зајакната младина денес значи подобро утре!

#ХераМлади организираше герила акција со цел да се зголеми свесноста кај младите, потенцирајќи дека нивните идеи, нивната вклученост во општествениот живот е од важност токму за нив самите

Фото: Хера Млади

По повод Меѓународниот ден на младите, 12 Август, асоцијацијата #ХераМлади организираше герила акција со цел да се зголеми свесноста кај младите, потенцирајќи дека нивните идеи, нивната вклученост во општествениот живот е од важност токму за нив самите.

„Со активно вклучување на младите ќе се искористи нивниот потенцијал и капитал, а истовремено ќе се мотивираат да бидат дел од сите процеси кои ги засегаат“, велат од Хера Млади.

На повеќе локации низ Скопје осамнаа пораки како „Зајакната младина денес значи подобро утре“, „Слобода, креативност, младост – тоа е твојата моќ“ и „Никогаш не си премлад за да ја промениш иднината“.

Фото: Хера Млади

Во осамнаа и пораките „Кога мислам на љубов мислам на тебе“ и „Дали веруваш во вистинска личност во погрешно време“. Суштината на пораките е во еден од главните фокуси на младите односно љубовта, како и тинејџерските и адолесцентните врски.

„Грижата за младите и нивниот развој и искористување на нивниот потенцијал е во нивното здравје, а инвестицијата во сеопфатното сексуално образование е од суштинско значење за нивниот развој. Преку сеофатно образование се покриваат сите аспекти на сексуалноста, од физичките до емоционалните и социјалните, и истото им помага на младите да донесат секогаш информирани одлуки за своето сексуално и репродуктивно здравје“, велат од организацијата.

Фото: Хера Млади

„Хера Млади“ укажаа од потребата за промоција на здрава комуникација и информираност на младите преку зајакнување на механизмите на општеството и имплементација на сеопфатно сексуално образование, бидејќи само на овој начин можат да се решат проблемите на адолесцентна бременост, предизвиците поврзани со родовите идентитети и само на овој начин потенцијалот на секој млад човек во нашава држава ќе може да биде целосно искористен.