Гении за дебата и математика: Талентираните македонски средношколци редат светски успеси

Младите дебатери Каја Јосифовска и Дамјан Стојановски за Мета.мк споделија искуство од Глобалниот ученички куп кој се одржа во Стокхолм каде освоија 8-мо место на светско ниво од вкупно 214 тима, со над 1.000 учесници, а 16-годишниот штипјанец, Дамјан Давков, втора година по ред освојува златен медал на Интернационална математичка олимпијада

Фото: Мета.мк

Велат дека светот останува на младите, но и дека тие ги шират корените на просперитетната иднината, a за да успеат потребна е поддршката од постарите. Во Македонија се раѓаат многу таленти, кои често забораваме да ги пофалиме и возвишиме, со цел да добијат уште поголем мотив да ги зајакнат и да работат на своите вештини.

За жал, често државата останува нема во однос на поддршката на талентираните кадри, а шкртоста од конкретни акции доведува до тоа тие својата надоградба да ја бараат надвор од земјата.

Фото: Мета.мк

Светско, а наше: Млади медалисти, креатори на модерната дебата

Светскиот ученички куп во Стокхолм е еден од низата натпревари на кои нашите млади сили остварија забележителен успех. Професорот по англиски јазик и ментор Никола Ѓелинчески кој го предводеше најдобриот тим во Европа, кој освои 8. место на светско ниво од вкупно 214 тима, со над 1.000 учесници, поделени на сениори и јуниори, потенцираше дека секоја година успехот на младите дебатери расте со брзина на светлината.

Младите дебатери Каја Јосифовска и Дамјан Стојановски за Мета.мк споделија искуство од Глобалниот ученички куп кој се одржа во Стокхолм во периодот од 12 до 18 јули, а во нивниот тим беше и Лука Вајевиќ. Според нив, најважното нешто е да се има желба да се оди напред, без разлика на обесхрабрувањето и слабата поддршка. Тие накратко го опишаа процесот на селекција, како тие преку труд и знаење постигнале одлични резултати, а раскажаа и за незаборавното искуство со кое се здобиле.

Каја Јосифовска и Дамјан Стојановски / Фото: Мета.мк

Инаку, процесот на селекција на кандидати се одвива преку локални дебатски натпревари, понатаму следува втората фаза, во која Дамјан, Каја и Лука беа членови на најдобриот тим на натпреварот. Тие се пласираа на 8-мо место на светско ниво, а единствено нешто им останува е третата фаза на Американскиот универзитет „Јеил“ оваа година, каде единствена пречка ќе им бидат Канаѓаните. Дамјан и Каја имаат претходно искуство со Глобалниот ученички куп и велат дека секое одење таму им дава желба, но и визија за тоа со што ќе се занимаваат утре.

Важно ми беше да си докажам самата дека и покрај тоа што македонскиот ми е мајчин јазик, можам да ги победам соперниците на кои англискиот им е прв јазик, вели Каја.

Натпреварот се состои од 4 дела – креативно пишување, тест, најинтересниот дел, дебатата, и за крај ученичкиот бал, каде натпреварувачите се забавуваат и се дружат. Подготовките за Глобалниот ученички куп се базира на материјали од програмата кои ги поминуваат низ целата учебна година, па така конкретните теми за дебати ги дознаваат откако ќе започне дебатата.

Македонската делегација има можност и потенцијал да биде меѓу најдобрите во целиот свет, и покрај тоа што сме мала држава, можеме да покажеме многу,  потенцира Дамјан Стојановски.

Покрај глобалните рунди имало и културен саем на кој учесниците ја презентирале традицијата и културните одлики на државата, а истовремено се дружеа и запознаваа.

Единствено нешто што и на двајцата им е разочарувачко е тоа што имаат соученици кои се многу талентирани, а истите не можат да си дозволат да одат во втората фаза, бидејќи патувањата и котизацијата се скапи. На овој проблем се надоврза и нивниот ментор Ѓелинчески, на кој му е познато сето ова. Тој оваа година не побарал помош од надлежните, но сепак смета дека Министерството за образование треба да најде начин да го реши овој проблем – барем за најуспешните да обезбеди финансии да можат да продолжат во остварување на нивните соништа.

Воопшто не треба да има пирамида во вреднување на предметите, се чувствувам дека мојот предмет е потценет, па со тоа и самото организирање и одење на натпревари не се вреднува. Тука не станува збор за општо познавање на англискиот јазик и дебатирање, туку се става акцент на финеси при говорењето и ораторството, посочи професорот.

Каја Јосифовска доаѓа од средното училиште „Јахја Кемал“, Дамјан Стојановски е ученик во „НОВА“, додека Лука Вајевиќ од „Американ хајскул“. Тројцата средношколци во приватните средни училишта имаат многу повеќе знаење кога е во прашање креативното пишување и дебатирањето, па затоа, вели нивниот професор, и државните училишта да започнат со воведувањето на овие предмети во секојдневната пракса, преку пилот проект.

Сепак кога се во прашање средствата, Министерството за образование може да најде начин заедно со Стопанската комора и учеството на големите компании да обезбедат средства, комбинирајќи го процесот со намалување на данок за едните, а алоцирање на парите за младите на кои им се потребни“, вели Ѓелинчески.

Како за крај, тој не можеше да го сокрие разочарувањето дека сè уште не се знае дали Дамјан, Каја и Лука ќе одат во Америка, бидејќи авиобилетите се скапи.

Имам горчина, бидејќи има ученици од земји како што се Турција и Англија, кои секогаш одат во трета фаза, и за нив парите никогаш не биле проблем, бидејќи нивните власти секогаш им излегуваат во пресрет.

Фото: Галерија на социјална мрежа „Фејсбук“ на Сојуз на математичари на Македонија – ССМ

Политика наместо математика, превртливост на приоритетите во Македонија

На овогодинешната 65. Интернационална математичка олимпијада во Бат, Велика Британија, нашата држава се здоби со еден златен и два бронзени медали и три пофалници. Од вкупно 109 земји учеснички, Македонија се рангираше на 28-то место.

Втора година по ред 16-годишниот штипјанец, Дамјан Давков освојува златен медал, но за жал, тој не е забележан од надлежните за неговиот достигнат успех кој досега никој во државата го нема остварено. Оваа година златниот медал на Дамјан му го врачи Тимоти Гауерс кој е филдсов медалист, а воедно и професорот на„Кембриџ“ универзитетот.

Според професорот Мирко Петрушевски од Машинскиот факултет во Скопје, учеството на Македонија на овој престижен натпревар е традиција долга 32 години, а во последните неколку години државата станува сè позабележителна поради бројните постигнати успеси. Кога се во прашање олимпијадите, а особено оние кои се во сферата на природните науки е потребно одредена сума на средства за да се покрие котизација за учество и авиобилетите. Минатогодишното учество во Јапонија на Олимпијадата беше потпомогнато од ТИРЗ, додека оваа година учесниците биле одбиени.

Законите ги пишуваат луѓе тие трпат промени, ако законски секој парламентарец има право на патни трошоци за тие од надвор од градот, апсурдно е зошто надлежни да не помагаат во донесување на закон за обезбедување на средства“ вели професорот Петрушевски. 

Тој го потенцираше и фактот дека свеста на децата е после средното училиште да заминат во поразумна академска средина, бидејќи државата тука не им го нуди тоа.