Фон дер Лајен влегува во трка за нов мандат во Европската комисија

Во овие пет години не само што порасна мојата љубов кон Европа, туку и моето искуство за тоа што Европа може да направи за своите граѓани, рече таа

Фото: Kay Nietfeld/dpa

Германската Христијанско-демократска унија (ЦДУ) предложи претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен повторно да биде кандидат на Европската народна партија за претседател на Европската комисија, по јунските избори за Европскиот парламент, пренесува германската агенција ДПА.

Фон дер Лајен претходно потврди дека сака да влезе во трка за нов мандат.

„Во овие пет години не само што порасна мојата љубов кон Европа, туку и моето искуство за тоа што Европа може да направи за своите граѓани“, рече таа, додавајќи:

„Сакам да се кандидирам за втор мандат“.

Како успеси од првиот мандат, таа ги наведе, меѓу другото, сузбивањето на економските последици од пандемијата и поттикнувањето на инвестициите во зелената и дигиталната индустрија.

Лидерот на ЦДУ Фридрих Мерц рече дека партиското претседателство во Берлин едногласно ја поддржало номинацијата на Фон дер Лајен.

Таа ја води Европската комисија од 2019 година.

Мерц додаде дека се надева на истата едногласна одлука и на претстојниот конгрес на Европската народна партија, на 7 март во Букурешт.

Шефот и членовите на новата Европска комисија ќе бидат избрани по европските избори во јуни, а досегашните анкети покажуваат дека ЕПП има убедливо водство, па Фон дер Лајен има големи шанси да остане на функцијата.