Филмскиот фестивал „МакеДокс“ ќе се одржи од 15 до 22 август

Ќе бидат прикажани филмови од Централниот државен филмски архив на Албанија, Хрватскиот државен архив, Националниот филмски институт на Унгарија, Словенечката кинотека, Архивот на Југословенската кинотека, Црногорската кинотека, Бугарскиот национален филмски архив, Романскиот национален филмски архив и Кинотеката на Северна Македонија

Од прес-конференцијата за фестивалот „МакеДокс“. Фото: „МакеДокс“

Јубилејното 15 издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ ќе се одржи од 15 до 22 август во просторите на Куршумли ан, Музеј на Македонија, Сули ан, МКЦ и новиот простор „Лабораториум“ во Скопје. Фестивалот ќе се одржи под мотото „Копање емоции низ времето“.

Фестивалската програма во МКЦ ја претставија Дарко Набаков, извршен директор на фестивалот, Петрула Вељановска, програмски координатор на „МакеДокс“, и Сара Ферро, раководител на индустри програмата на „МакеДокс“.

„Среќни сме што оваа година, кога славиме еден наш мал јубилеј, посветен на кинотечната дејност и архивските материјали, на нивното чување, реставрирање и дигитализирање, како и на нивната креативна употреба во документарниот филм, ќе имаме можност да копаме и ловиме емоции низ времето, да ги пресоздаваме сеќавањата и да реконструираме состојби. Токму поради ова, ќе прикажеме разновидна програма од документарни филмови, како нови, така и постари, кои во себе изобилуваат со архивска граѓа, со посебен акцент на документарните филмови кои веќе се дигитализирани во поширокиот балкански регион и грижливо се чуваат во кинотеките и архивите“, кажа Петрула Вељановска, програмски координатор на „МакеДокс“.

Тематскиот сегмент „Земја во фокус“ годинава е фокусиран на кинотечните архиви од повеќе држави. Ќе бидат прикажани филмови од Централниот државен филмски архив на Албанија, Хрватскиот државен архив, Националниот филмски институт на Унгарија, Словенечката кинотека, Архивот на Југословенската кинотека, Црногорската кинотека, Бугарскиот национален филмски архив, Романскиот национален филмски архив и Кинотеката на Северна Македонија.