ДЗСИ не утврдил пропусти од негова надлежност за смртта на шестгодишната Јана

Според соопштението на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, девојчето починало од срцев застој, а во извештајот хронолошки е наведено што се случувало завчера, кога девојчето било примено на одделот за педијатрија во Битола

Фото: The image was posted by Akhil Kokani on Pixabay

Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДЗСИ) не констатирал недостатоци во негова надлежност за третманот на шестгодишната Јана Христовска од село Кравари, Битола, која во средата почина во клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“.

Според соопштението на ДСЗИ, девојчето починало од срцев застој, а во извештајот хронолошки е наведено што се случувало завчера, кога девојчето било примено на одделот за педијатрија. Здравствените инспектори извршиле увид во медицинската евиденција и документација која се водело на одделението во рачна и во електронска форма и обезбедиле изјави од дел од здравствените работници кои учествувале во лекувањето и третманот на девојчето.

„Детето било донесено за преглед на одделението на 22.03.2023 година околу 10,00 часот без претходен упат од матичен доктор. Била примена на преглед специјалист педијатар, кој искреирал „итен упат“ со упатна дијагноза E86 – дехидратација во 10:07ч. Добиен е анамнестички податок за покачена температура од пред три дена и болки во грло, заради кое мајката и дала сируп Co-almacin. Ден пред прием е без покачена температура, со повраќање во два наврати, а од вечерта и отоци на очните капаци и болка во нозете по што мајката го прекинала сирупот“, се вели во соопштението на ДЗСИ.

Од клиничкиот преглед, според инспекторатот, во наодот бил констатиран оток на очните капаци, хиперемични лаци во тонзилофарингеална регија и обложен јазик. Бил креиран упат за биохемиска лабораторија – уринарен, глуциден и ацидобазен статус и земени биле примероци од крв и урина за анализа.

„Потоа е ординирана терапија –„Хипоглусал 1„ – 500мл. (250 мл.5% глукоза и 250 мл.0,9% натриум хлорид) и amp. Bedoxin. По добиените резултати, во 10:45ч земени се и проширени анализи – крвна слика, ензимски статус, деградациони продукти, глуциден и протеински статус, електролити и липиден статус“, се вели во извештајот.

Според ДЗСИ, по завршувањето на инфузијата, состојбата се влошила. Дошло до појава на малаксаност, бледило, тахикардија и сомнолентност. Докторката која извршила првично преглед побарала помош од вториот присутен педијатар.

„Детето од дневна болница било префрлено во собата за полуинтензивна нега на одделението и поставено е на монитор и кислородна поддршка. Направени се два ЕКГ записи во 12.34 ч и во 12.42 ч. и побаран е конзилијарен преглед од анестезиолог од установата. Во меѓувреме детето прави срцев застој по што направена е реанимација. Извршена е и консултација со специјалисти – педијатри од ЈЗУ УК за детски болести од оддел за кардиологија и за неврологија за транспорт во таа здравствена установа. По препорака на специјалистот – анестезиолог во болницата направени се дополнителни анализи на ензимскиот и ацидобазниот статус (креатин киназа и тропонин ) во 13.34ч и во 13.49 часот. Поради дополнително влошување на состојбата, во 14,00 часот детето е пренесено во службата за интензивно лекување САРИЛ каде е направена кардио пулмонална реанимација и дадена е терапија, но без успех. Од страна на анестезиологот е констатирана смрт во 15.20 часот“, се вели во соопштението на ДЗСИ

Според изјавата на двете докторки – специјалисти педијатри, по добиените резултати од направените ензимски иследувања за покачени показатели за срцево страдање (креатин киназа и тропонин) известена била мајката на детето за сериозноста на состојбата.

Телото на починатото дете било дадено на обдукција.

„Не се констатирани недостатоци во рамките на надлежноста на ДСЗИ“, се заклучува во соопштението на инспекторатот.

Според она што беше обелоденето јавно во медиумите, шестгодишното девојче починало во болницата откако било примено со симптоми на настинка. Таткото на девојчето за неколку медиуми изјави дека на девојчето ѝ бил измерен покачен шеќер во крвта со вредност 9, но и покрај тоа, во болницата добило инфузија со гликоза по што вредностите на шеќерот во крвта се качиле на 19.

Денеска надлежните власти информираа дека директорот на болницата Александар Обедниковски дошол во Скопје на состанок со министерот за здравство, Фатмир Меџити и со неговата заменичка Маја Манолева.

„Веќе е започнат вонреден надзор за тоа што се случило во Битола, директорот е веќе на пат за Скопје каде што ќе има состанок со министерот и заменичката, а информирано е и јавното обвинителство. Сите детали, откако ќе ги имаат, ќе бидат споделени со јавноста. Тие треба да се врз основа на факти, да се утврди објективната состојба и врз основа на нив да се направат соодветни санкции таму каде што ќе биде потребно“, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.

Здравствени инспектори во битолската болница ги утврдуваат причините за смртта на шестгодишното девојче