Џо Бајден позитивен на ковид, ќе ја паузира кампањата

Не е јасно каде и кога претседателот се заразил со Ковид-19. Но, како што пишуваат светските медиуми, ненадејната дијагноза ќе го стави зад затворени врати во време кога демократските пратеници бараат да го видат надвор претседателскиот кандидат

Gage Skidmore from Peoria, AZ, United States of America, CC BY-SA 2.0 , via Wikimedia Commons

Претседателот Џо Бајден е позитивен на Ковид-19, пренесуваат светските медиуми. Бајден (81) имал благи симптоми и ја примил првата доза од антивирусниот лек Паксловид, информирал неговиот лекар.

„Се чувствувам добро“, изјавил Бајден, кој е целосно вакциниран, вчера на новинарите во Лас Вегас, пред да се упати кон неговата резиденција во Делавер. Претседателот ќе се самоизолира таму во согласност со упатствата на американските центри за контрола и превенција на болести.

Бајден и неговите советници посочија на честите настани како дел од изборната кампања дека се доказ за неговата енергичност како најверојатен кандидат на Демократската партија, што е обид да се намалат растечките сомневања во партијата.

Не е јасно каде и кога претседателот се заразил со Ковид-19. Но, како што пишуваат светските медиуми, ненадејната дијагноза ќе го стави зад затворени врати во време кога демократските пратеници бараат да го видат надвор претседателскиот кандидат.

Ова не е првпат на претседателот на САД да му биде дијагностициран ковид-19. Тој беше заразен два пати во 2022 година.

Инаку, ваквата дијагноза на Бајден доаѓа во време на интензивно испитување на неговото здравје и издржливост, по дебатата со поранешниот претседател и кандидат за втор мандат Доналд Трамп.

Американските медиуми објавуваат дека неколку демократи му сугерирале на Бајден и на неговите соработници во кампањата да се откаже од претседателската трка, зашто се сомневаат во неговите способности да го совлада неговиот противкандидат Доналд Трамп.