ДИК ѝ го врачи уверението на Сиљановска-Давкова за претседател на државата

Претседателот на ДИК, Александар Даштевски ѝ посака на новата претседателка успешен мандат како шеф на државата

Фото: ДИК

На седницата на ДИК беше усвоен заклучокот за конечност на резултатите од гласањето на Претседателските избори во земјава, по што утринава на Гордана Сиљановска Давкова и официјално ѝ беше врачено Уверението за претседател.

Претседателот на ДИК, Александар Даштевски ѝ посака на новата претседателка успешен мандат како шеф на државата.

На прес-конференција ДИК ја објави конечноста на резултатите од гласањето за изборите за претседател на 8 мај. ДИК констатираше дека за претседател е избрана професорката Гордана Сиљановска Давкова со мнозинство од гласовите, односно 561.000 гласови, додека пак нејзиниот опонент, Стево Пендаровски освоил 251.899 гласови. Записникот за конечност на резултатите од гласањето беше едногласно усвоен на седницата.

Утре на пладне ќе следи процесот на инаугурација на новата претседателка. Силљановска Давкова е шестиот претседател на Македонија од независноста и воедно прва жена претседател. Таа пред пратениците од претходниот парламентарен состав треба да даде свечена изјава по која и официјално ќе започне нејзиниот пет годишен мандат.