Девет лица затруени со храна во пицерија во Гостивар, кујната привремено затворена

Од АХВ апелираат во услови на високи надворешни темеператури, и операторите и потрошувачите да внимаваат на безбедноста на храната со цел спречување на ризици од појава на можно труење со храна

Фото: Photo by James Butterly on Unsplash

Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) денеска во Гостивар спровеле вонреден инспкециски надзор во пицерија, по добиена информација од гостиварскиот Центар за јавно здравје дека вчера 9 лица биле пријавени со симптоми за труење со храна.

Земени се мостри за лабораториско испитување од инкриминараната храна (пилешки стек, свежа марула и мајонез) и брисеви од работните површини, опремата и приборот и од вработените лица.

„На операторот со храна наредени му се превентивни мерки за темелно механичко и хемиско чистење на објектот, опремата и приборот, вонредна дезинфекција и вршење на вонредни санитарни прегледи на вработените лица. Од страна на инспекциските служби времено е затворена кујната, до добивање на резултатите од земените примероци за лабораториско испитување“, соопшти АХВ.

Од АХВ апелираат во услови на високи надворешни темеператури, и операторите и потрошувачите да внимаваат на безбедноста на храната со цел спречување на ризици од појава на можно труење со храна.

Воедно, во функција е бесплатната телефонска линија за потрошувачите 0800 3 22 22 на Агенцијата за храна и ветеринарство каде може да се пријави секој сомнеж во безбеднста на храната. Претставка граѓаните може да поднесат и лично во Агенцијата, или во нејзините подрачни единици, како и електронски на [email protected].