Фото: Dima Rogachevskiy, Unsplash

Денес е државниот празник Ден на наставата на турски јазик – 21 декември, кој е неработен ден за сите припадници на турската заедница во С. Македонија.

По повод овој празник, во официјална посета на нашата држава е претседателот на Големото народно собрание на Турција, Мустафа Шентоп, поради што денеска и утре ќе има посебен режим на сообраќајот на поширокото подрачје на град Скопје.

Шентоп ќе ја отвори изложбата „Турското стреличарство низ историјата“ во Куршумли ан. Изложбата е организарана од Институтот „Јунус Емре“ и Фондацијата на стрелци на Република Турција.

Наставата на турски мајчин јазик во Република Северна Македонија има долга традиција, која започнува во 1944 година, кога за првпат се спроведува настава на турски јазик во основното училиште „Тефејуз“ во Скопје.

Празникот го честиташе и претседателот на државата, Стево Пендаровски кој упати честитки до турските граѓани во С.Македонија.

„Турската етничка заедница е неизоставен дел од нашата мултиетничка и мултикултурна држава и секој нејзин припадник придонесува во градењето на демократска, просперитетна и развиена Република Северна Македонија. Вие претставувате своевиден мост за соработка со пријателска Република Турција, која е наш искрен и посветен поддржувач“ истакна Пендаровски.