Денеска почнуваат велигденските пости

Денеска почнуваат велигденските пости, а денот по Прочка е чист понеделник. На овој ден се чисти куќата, особено се внимава садовите за храна да се измијат и да се испоснат од маснотија. Во минатото тоа се правело со брашно или со пепел и со подолго вриење.

За време на велигденските пости, покрај вообичаеното консумирање храна од растително потекло, житарки, зеленчук и овошје, постојат и одредени карактеристични продукти што се подготвуваат само во одредени денови за време на постите.

Во текот на седумнеделниот период на велигденскиот пост, има повеќе празници. Во првата недела од великите пости, од понеделникот до средата се деновите наречени тримери, кога не се консумира никаква храна ниту течност. Одредени продукти од храна се подготвуваат за денот по завршувањето на тримерите, што е третиот ден од почетокот на великиот пост.

Во средата, кај оној што ги „држел“ тримерите и каде имало млада невеста, доаѓале гости. Домаќинката за таа пригода има подготвено варена пченица со конопни зрна, ошав – компот од црни сливи и друго сушено овошје (јаболко, суво грозје, диви сливи), кравајче од пченично брашно замесено со пепелница, украсено со бонбони. Се месело, исто така, и пита-зелник, со зеље, озгора посолено со сусам, додека на дното од тепсијата се ставале сечкани ореви. Задолжително за таа пригода како пијалак се носело и боза. Гостите што доаѓаат на посета, исто така, носеле боза, кравајче и пченица. Во оваа пригода се купувало и сезонско овошје, особено портокали.

Првата сабота по Прочка е празникот Тодорова сабота – Тодорица, а саботата пред Велигден е Лазарова сабота, по која, во неделата, се Цветници. Празникот Благовештение секогаш е на 7 април.

За празниците Благоец и Цветници дозволена била употреба на посни меса во кои спаѓаат рибата и полжавите. Рибата печена или пржена на масло или подготвена со ориз или, пак, со запржен кромид и со суви црни сливи, била речиси задолжително подготвувана во овие денови. Полжавите се печеле или се вареле како готвено јадење со зеленчук.

Сепак, велигденскиот пост не значи само одрекување од храна. Важен е и духовниот пост. Верниците во деновите на постот треба да се воздржат од лоши мисли и дела и да се обидат да најдат духовен мир, без што постот нема смисла.