Букинг со рекордна казна од 413 милиони евра за злоупотреба на доминантната позиција

Од шпанското тело за набљудување на конкуренцијата (ЦНМЦ) соопштија дека со подобро позиционирање на хотелите кои имаат повеќе резервации на Букинг, другите онлајн агенции се спречени да влезат на пазарот или да се прошират

Фото: Принтскрин

Шпанското тело за набљудување на конкуренцијата (ЦНМЦ) соопшти дека ѝ наложила на онлајн туристичката платформа Букинг (Booking.com) да плати рекордна казна од 413 милиони евра за „злоупотреба на својата доминантна позиција“ во последните пет години, пренесуваат светските медиуми.

„Овие практики ги погодија хотелите лоцирани во Шпанија и другите онлајн туристички агенции кои се натпреваруваат со оваа платформа. Нивните одредби и услови создаваат неправедна нерамнотежа во комерцијалните односи со хотелите лоцирани во Шпанија“, се вели во соопштението на ЦНМЦ.

„Со подобро позиционирање на хотелите со повеќе резервации на Букинг, другите онлајн агенции се спречени да влезат на пазарот или да се прошират“, се додава во соопштението.

Ова е најголемата парична казна што некогаш била изречена од ЦНМЦ, изјави за новинската агенција АФП портпаролката на ова тело.

Букинг.ком, чија матична компанија Букинг Холдингс со седиште во САД, е доминантен играч со пазарен удел во Европа од повеќе од 60 проценти.

Во мај, Европската Унија ја додаде туристичката платформа на својата листа на дигитални компании кои се доволно големи за да потпаднат под построгите правила за конкуренција, давајќи ѝ рок на компанијата шест месеци да се подготви за усогласување со Закон за дигитални пазари.

Законските правила имаат за цел да ги изедначат условите за игра на дигиталниот пазар, осигурувајќи се дека корисниците на ЕУ имаат повеќе опции при изборот на производи.

Од Брисел изјавија дека построгата регулатива на Букинг ќе значи дека туристите „ќе почнат да имаат корист од поголем избор“, а хотелите „ќе имаат повеќе деловни можности“.

Унгарското тело за заштита на конкуренцијата претходно овој месец го казни Букинг со втора казна поради тоа што не ги прекина своите „нефер“ деловни практики, вклучително и психолошки притисок врз клиентите.

Во 2020 година, компанијата беше казнета со 2,5 милијарди форинти (7 милиони долари) од Унгарската управа за конкуренција за агресивна тактика на продажба.

На 15 јули Букинг доби казна од дополнителни 382,5 милиони форинти, откако понатамошната истрага покажа дека компанијата продолжила со своите нефер практики.