Азески и Јаневска разговарале за проширување на концептот за дуално образование

На средбата се разговарало за системско уредување на дуалното образование преку Закон за стручно образование и обука кој бил во фаза на изработка

Фото: Министерство за образование и наука

Министерката за образование и наука Весна Јаневска се сретна со претседателот на Стопанската комора Бранко Азески. Како што соопштија од МОН, на состанокот се разговарало за можностите за проширување на концептот на дуално образование и негово системско уредување преку Закон за стручно образование и обука кој бил во фаза на изработка.

На средбата се разговарало и за поголемо вклучување на компаниите кои ќе соработуваат со стручните училишта, за повеќе можности за прием на ученици на практична обука, поддршка во форма на стипендии и друга финансиска стимулација, загарантирано работно место по формализација на образованието и така натаму.

Според претседателот на СКСМ, Азески, средбата со министерката била кратка но конструктивна и заедно ги договориле следните чекори во насока на поквалитетен систем на дуално образование во средните училишта, а ќе се направат напори овој концепт да се примени и во високото образование.

„Присуството на странските инвеститори, па и водечките домашни компании имаат потреба од нови технологии кои се значајни за зголемување на конкурентноста. Ние ќе имаме додадена вредност на нашите производи ако ги намалиме трошоците во нашата земја, ако создадеме кадар кој нема да ја напушта татковината и ако во буџетот се одвојат доволно средства за развоја на образованието“, рече Азески.