Антикорупциската удри по стариот состав на ДКСК: Возењето велосипеди или одењето со автобус на работа е чист популизам

Во соопштението до јавноста, новиот антикорупциски состав го нарекува „популизам“ фактот што претходната претседателка на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска одела со велосипед на работа, а останатите членови користеле јавен превоз

Фото: Мета.мк

Новиот состав на Антикорупциската комисија, која поднесе барање за добивање дипломатски пасоши, а претседателката Татјана Димитровска веќе доби дипломатски пасош од МНР, преку соопштение објаснува дека „дипломатскиот пасош според закон не е привилегија, туку е само право кое служи единствено за извршување на службената должност на членовите на ДКСК и тоа право никогаш нема да се употребува за приватни цели“.

Во соопштението до јавноста, новиот антикорупциски состав го нарекува „популизам“ фактот што претходната претседателка на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска одела со велосипед на работа, а останатите членови користеле јавен превоз.

„Сметаме дека возењето велосипеди или одењето со автобус на работа е чист популизам со кој не се оправдува бројот на незатворени предмети од претходниот состав на ДКСК. Дополнително поранешната претседателка во јавноста беше присутна со паушални поединечни изјави за секакви случаи без претходно да се провери документацијата и да се направи проценка дали има основи за отворање на предмети. Ваквиот начин на работа не треба да биде мерило за успешност или можеби треба бидејќи факт е дека на претходната ДКСК за цел мандат и беа прифатени исклучително мал број на иницијативи за поведување на постапка за кривично гонење од страна на Јавното обвинителство“, се вели во соопштението и се додава:

„Иако според претходниот состав на ДКСК тоа се должеше на несоодветната работа на Јавното обвинителство можеби причините треба да се бараат во немањето на доволно аргументи, површноста и квалитетот на иницијативите“.

На ова, на својот профил на Фејсбук реагираше Билјана Ивановска, поранешната претседателка на Антикорупциската комисија, велејќи дека „извештаите за работењето на претходниот состав на ДЛСК, како и извештаите на Европската

Билјана Ивановска / Фото: ДКСК

Комисија и другите меѓународни организации и тела, го прикажуваат односно го оценуваат работењето на Комисијата во нашиот мандат“.

„Тоа што немавме дипломатски пасоши и службени автомобили ниеднаш не не спречи навреме да стигнеме и активно да учествуваме на сите сесии од скринингот со ЕК во Брисел. Изненадува констатацијата дека одењето пешки, возењето велосипед или користењето јавен превоз е чист популизам. По кој основ или критериум оваа наша навика што ја практикуваме и пред и по мандатот е оценета како популизам. Ова е навреда за сите совесни функционери кои се однесуваат домаќински со народните пари и за сите совесни граѓани кои почитуваат европски вредности и се грижат за животната средина“, напиша Ивановска.

Новиот состав на ДКСК се пофали дека мандатот го започнал пред пет месеци и оттогаш биле затворени 21 предмет од областа на судир на интереси, 61 предмет од областа на спречување на корупција како и 107 предмети од следење на имотна состојба.

„На седницата која е закажана во среда на 24 јули, ке бидат разгледувани околу 150 предлог одлуки по оформени предмети од новиот состав на ДКСК. Дополнително, започнати се и активно се постапува на точно 103 постапки за прекршоци предвидени во Законот за спречување на корупција и судирот на интереси. Потенцираме дека само и единствено со вакви факти ќе ја презентираме успешноста на нашата работа, наспроти популизмот наметнат во јавноста“, велат од ДКСК.

Што се однесува до темата службени автомобили, од Антикорупциската велат дека не испратиле барање за доделување на службени автомобили на членовите на ДКСК вклучувајќи ја и претседателката Димитровска.

„ДКСК како институција има потреба од службени возила и за истите ќе се бара соодветно решение, но потенцираме ниту се побарани, ниту ќе бидат барани одделни возила за членовите на ДКСК“, велат од институцијата.

Инаку, претходниот состав на Антикорупциската комисија го укина користењето службени автомобили.