Арсовска во Европскиот парламент: Централната се меша во работата на локалната власт

Поради говорот на омраза, сајбер насилство, закани и континуираната загриженост за личната безбедност, бројот на жени градоначалници во Европа падна од 25 на 16%, во земјите од Југоисточна Европа на 8,3%, додека во Македонија на рекодно најниско за Европа на 2%, вели Арсовска

Фото: Град Скопје

Политичко мешање во работата на локалните власти, обиди за влијание врз независноста и интегритетот од страна на централната власт, како и ограничени финансии и капацитети – ова се главните предизвици во работата на единиците на локалната самоуправа во Македонија кои ги спомна Данела Арсовска, градоначалничката на Скопје при својот говор во Европскиот парламент во Брисел.

Како што соопштија од Градот Скопје, на покана на Европскиот комитет на региони, Арсовска ја отворила 162-та Пленарна седница посветена на процесот на проширување и пристапување кон Европската унија.

“Повеќе од 70% од законодавството на ЕУ ги засега локалните власти, затоа успешна хармонизација и имплементација на ЕУ регулативата може да се гарантира со мултилатерална соработка каде централните и локалните власти се надополнуваат“, рече Арсовска во својот говор додавајќи дека „градовите треба да бидат вклучени во справувањето со значајните предизвици преку заедничка работа и градење мостови на соработка и пријателство“.

Според неа, процесот на реформи за децентрализација со цел да се пренесат овластувањата и одговорностите од централната на локалните власти, кој сè уште е во рудиментална фаза во Македонија е од суштинско значење за подобрување на управувањето, зголемување на учеството на граѓаните и подобрување на испораката на услуги на локално ниво.

Фото: Град Скопје

„Граѓанскиот ангажман и учество се клучни бидејќи локалните самоуправи обезбедуваат платформа за вклучување на граѓаните во процесите на донесување одлуки и градење доверба во локалните институции, локалните политики и иницијативи“, вели Арсовска во својот говор.

Според неа, важно е и да се искористат можностите за финансирање од ЕУ, а за пристапот до фондовите неопходна е ефикасна локална администрација и капацитет за спроведување проекти, кои можат да ги подобрат локалниот економски развој и инфраструктура.

„Поради говорот на омраза, сајбер насилство, закани и континуираната загриженост за личната безбедност, бројот на жени градоначалници во Европа падна од 25 на 16%, во земјите од Југоисточна Европа на 8,3%, додека во Македонија на рекодно најниско за Европа на 2%“, вели Арсовска.

Инаку, како што потенцираат на крајот од соопштението од Град Скопје, Арсовска ја предводи делегацијата на Македонија и како истражител и известувач, и едногласно е избрана за Портпарол на Конгресот на Советот на Европа за етика и спречување корупција. Арсовска воедно во Европскиот комитет на региони на ЕУ е ко-претседавач на Заедничкиот консултативен комитет на Македонија со ЕУ.