Ако ова е условот за Македонија, тогаш не благодарам. Тоа не се европски вредности. Ова е ставот на премиерот Христијан Мицкоски, по одлуката на Брисел за одвојување на Тирана и Скопје на патот кон ЕУ. Тој изјави дека по две ипол децениски напори да се изоди патот кон Унијата, неправедни се условите коишто ѝ се наметнуваат на земјата.
„Го делам впечатокот со огромното мнозинство македонски граѓани дека не треба повеќе врз основа на национални отстапки, без гаранции, да прифаќаме услови. За мене ова е диктат. Ако ова е условот за Македонија, тогаш не благодарам. Тоа не се европски вредности“, рече Мицкоски.
Според него, „ние сме единствениот случај во кој билатерални договори се услови во Преговарачка рамка“.
Премиерот додаде дека власта сака да разговара и подготвени се да разговараат колку што е потребно за да се најде решение.
„Ајде ќе ја завршиме процедурата, имаме бројка од 80 пратеници, но тие амандмани да важат и да бидат ефективни кога Бугарија ќе го ратификува пристапниот протокол за нас во ЕУ. Тоа го понудив во Брисел. Конструктивен сум – да, нудам предлози – да, спремен сум да разговарам“, изјави премиерот.
Доста е, додаде Мицкоски, од двојни стандарди на „грбот на оваа мала држава во срцето на Балканот“.
„Ова нема врска со европски вредности, само се изживуваат врз нас. Доста е. Подготвени сме, сакаме да влеземе, да преговараме. Преговори значат јакнење на институции, збогатување на капацитети, не значи членство. Што е толку тешко да се прифати овој наш предлог?“, додава премиерот.
Предлогот на власта е Брисел да го прифати Договорот за добрососедство со Бугарија, во кој, како што вели Мицкоски, никаде не стои дека услов мора да биде промена на Уставот.
Бојко Борисов, лидерот на партијата ГЕРБ, воедно и претседател на Комисијата за надворешна политика во Народното собрание на Бугарија денеска изјави дека Македонија и Бугарија потпишале Договор за добрососедство што е вклучен во Преговарачката рамка и дека никој не може да отстапи од него.
„Сакам да го уверам бугарскиот народ дека сè што направивме во Европската народна партија, во Европскиот совет, во Европската комисија, беше многу добро слушнато. Така функционираат европските институции. Не се закануваат, нè навредуваат, а резултатот е Албанија ќе оди напред. Таа го прифати бугарското малцинство, а нашите колеги од Северна Македонија да го понесат она што го создаде нивното досегашно однесување“, рече Борисов.
Инаку, според едногласната одлука на амбасадорите на земјите-членки на Европската Унија донесена вчера, патот на Албанија за пристапување во ЕУ ќе биде одвоен од Северна Македонија, при што првите кластери на преговори ќе бидат официјално отворени на 15 октомври.
Во меѓувреме, членовите на Комисијата за надворешна политика во Народното собрание на Бугарија денеска на затворена седница едногласно усвоија предлог-декларација во врска со провокативните изјави од страна на македонските владејачки политички фактори и систематското уништување на дијалогот меѓу С. Македонија и Бугарија, пренесе бугарската телеграфска агенција БТА.
Оваа декларација ќе биде доставена и на разгледување на пленумот на собранието.
По средбата, претседателот на комисијата за надворешни работи, лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, изјави:
„Најважното нешто што го даваме со сите наши колеги овде е бугарските политичари, бугарската држава, сите партии да бидат обединети кога е во прашање добрососедството меѓу двете земји и секој што ќе го прекрши треба да сноси одговорност“.
Инаку, според едногласната одлука на амбасадорите на земјите-членки на Европската Унија донесена вчера патот на Албанија за пристапување во ЕУ ќе биде одвоен од Северна Македонија, при што првите кластери на преговори ќе бидат официјално отворени на 15 октомври.
„Ова е добра вест за Албанија во нејзините напори да ги исполни барањата за напредување на нејзиниот пат кон ЕУ, но е назадување за Северна Македонија, која уште еднаш не успева да направи одлучувачки чекор кон пристапувањето во ЕУ“, јави Еурактив.