Австрија гласа на парламентарни избори, анкетите предвидуваат победа на екстремната десница

Анкетите проценуваат дека Партијата на слободата ќе освои околу 28 отсто од гласовите, далеку под прагот потребен за целосна победа. Поради ова, договарањето владина коалиција може да биде тешко

-

Во Австрија денеска се одржуваат парламентарни избори на кои, според анкетите, најголеми шанси за победа има крајнодесничарската Партија на слободата (ФПО). Партијата пред пет години излезе од владината коалиција со конзервативната Народна партија поради корупциски скандал.

Поранешниот министер за внатрешни работи и долгогодишен стратег на кампањата на ФПО, Херберт Кикл, цели кон тоа да стане новиот канцелар на Австрија.

Како што пишува „Јуроњуз“, Кикл предизвика контроверзии во кампањата со користење на терминот „Volkskanzler“ или „канцелар на народот“, кој бил користен и од нацистите за да го опишат Адолф Хитлер во 1930-тите години.

Анкетите проценуваат дека Партијата на слободата ќе освои околу 28 отсто од гласовите, далеку под прагот потребен за целосна победа. Поради ова, договарањето коалиција може да оди тешко за Кикл.

Канцеларот Карл Нехамер, чија Австриска народна партија е втора според анкетите со 24 отсто, веќе ја отфрли можноста за коалицирање со Кикл и ги повика гласачите да гласаат за него за да се спречи екстремната десница да дојде на власт.

Партијата на слободата освои тесна победа на национално ниво, за првпат на изборите за Европскиот парламент во јуни годинава, што им донесе придобивки и на другите европски екстремно десничарски партии.

На изборите во 2019 година, поддршката за оваа партија падна на 16,2 отсто по скандалот што ја собори австриската влада во која Партијата на слободата беше помал коалициски партнер. Тогашниот вицеканцелар и лидер на ФОП, Хајнс-Кристијан Штрахе, си поднесе оставка откако во јавноста се појави тајно снимено видео во кое се чини дека му нуди услуги на наводен руски инвеститор.

ФОП, исто така, повика на прекин на санкциите против Русија и ја критикува западната воена помош за Украина, а сака да отстапи и од Европската иницијатива за небесен штит – проект за ракетна одбрана што го започна Германија, пишува „Јуроњуз“.

Околу 6,5 милиони Австријци имаат право на глас на денешните избори, а гласањето завршува во 17 часот по локално време, кога излезните анкети ќе дадат индикација за резултатите.

Почна новата грејна сезона, греењето ќе зависи од температурите

Од денес, 15 октомври, започна грејната сезона 2024/2025 година за потрошувачите што се приклучени на системот за централно греење во градот Скопје, управуван од АД ЕСМ, соопштија од Електрани...