Утре се прегласува на седум избирачки места

Со прегласувањето, на парламентарните избори за новиот законодавен дом, кој го сочинуваат 120 пратеници, може да дојде до промена на евентуално два пратенички мандата

Фото: Мета.мк

По парламентарните избори на 8 мај, утре се спроведува прегласување на седум избирачки места во рамките на петтата и на шестата изборна единица. Се прегласува на избирачките места во Желино, Крушево, Охрид, Долнени и во Струга.

Право на глас на овие избирачки места имаат вкупно 4.521 гласач.

На избирачкото место 2101 во Желино право на глас имаат 993 гласачи; на избирачкото место 1194 во Крушево 470 избирачи; во 1202, исто така во Крушево, 298; во 1272 во Охрид – 712; во Долнени, на избирачкото место 1470 – 659; во 1470/1 – 634 и на избирачкото место 1844 во Струга – 755 избирачи.

Државната изборна комисија го поништи гласањето на овие седум избирачки места, а одлуката беше потврдена и од Управниот суд, од каде посочија дека тужбите на Европскиот фронт, предводен од ДУИ, се неосновани. ДИК, исто така, ги смени и членовите на избирачките одбори на овие избирачки места.

Со прегласувањето, на парламентарните избори за новиот законодавен дом, кој го сочинуваат 120 пратеници, може да дојде до промена на евентуално два пратенички мандата, и тоа по еден во петтата и во шестата изборна единица.