Над 120 руски напади врз Украина за само 24 часа

Како што информира Генералштабот на вооружените сили на Украина, за едно деноноќие се извршени 63 воздушни и 64 напади со ракетни системи

Уништено училиште од бомбарирање на 21 јули 2022 година во Краматорск, Украина. Фото: Wikimedia commons/State Emergency Service of Ukraine

Русија извршила повеќе од 120 напади врз позициите на украинските војници и населените области во изминатите 24 часа. Како што информира Генералштабот на вооружените сили на Украина, за едно деноноќие се извршени 63 воздушни и 64 напади со ракетни системи, пренесува Укринформ. На фронтот се случиле и околу 80 борбени судири во кои има цивилни жртви и уништени станбени згради.

Нападите се случувале во повеќе од дваесетина градови и места низ регионите на Суми, Харкив, Луганск, Доњецк, Запорожје и Херсон. Според командантот на копнените сили на вооружените сили на Украина, генерал-полковник Олександр Сирскиј, руските сили ги интензивирале нападите во Бахмут, обидувајќи се да ги вратат загубените позиции.

Во градот Херсон од рускиот оган настрадала и зградата на Регионалната универзитетска научна библиотека. Според Олександр Прокудин, началник на Регионалната воена управа на Керсон, зградата е многу оштетена, бидејќи како резултат на ракетирањето избувнал пожар, кој бил гаснет повеќе од час и половина.

Генералштабот на вооружените сили на Украина денеска информираше дека украинските одбранбени сили од 24 Февруари минатата година, елиминирале околу на 311.000 руски војници, од кои 1.100 во изминатите 24 часа. За овој период уништени се и над 5.000 тенкови, над  10.000 оклопни борбени возила, над 7.000 артилериски системи и друга непријателска воена опрема.