ЗНМ и МАН: Кукавички напад врз слободата на изразување

Здружението на новинари на Македонија и Македонската асоцијација на новинари изразуваат сочувство до семејствата на новинарите кои вчера во Париз загинаа во терористичкиот напад на неделникот „Шарли ебдо“.

„Во овие тажни моменти, изразуваме сочувство на семејствата на настраданите и се солидаризираме со целиот француски народ. Овој кукавички чин не е само напад врз слободата на медиумите, туку е напад и врз цивилизациските вредности на слободниот свет. Насилството во никој случај не смее да се толерира, а злосторниците мора најостро да се казнуваат. Екстремистите и терористите мора да се поразат во име на слободата, мирот и разбирањето меѓу цивилизациите“, стои во соопштението на ЗНМ.

МАН е згрозена од терористичкиот напад на сатиричниот неделник и од убиството на десетте новинари од редакцијата.

„Згрозени сме од овој напад, потсетуваме дека секој мора доследно да ја почитува слободата на изразување во која спаѓа и уметничкото изразување“, велат од МАН.